Фото: МИА

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, попладнево во Солун го потпиша Меморандумот за соработка, со што Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор.

Меморандумот беше потпишан во рамки на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа (SEEF), а Божиновска оцени дека приклучувањето претставува значаен чекор за енергетската безбедност и економската стабилност на земјата.

– Денес сум исклучително горда да истакнам дека, по интензивни дипломатски напори, Македонија официјално се приклучува кон Вертикалниот гасен коридор. Ова е историски момент преку кој, по цели три децении, ја прекинуваме нашата целосна зависност од една гасна рута – рече Божиновска.

Таа информира дека интерконекторот со Грција се очекува да биде оперативен во 2027 година. По неговото пуштање во употреба, Македонија ќе има почетен капацитет од 1,4 милијарди кубни метри природен гас годишно, со можност тој во иднина да се зголеми на 2,8 милијарди кубни метри.

Божиновска најави дека следен чекор е реализацијата на планираниот 23-километарски интерконектор со Србија, со што земјата, како што посочи, има амбиција да стане енергетски транзитен центар што ќе го поврзува југот со Централна и Источна Европа.

На панелот во рамки на SEEF, Божиновска рече дека поголемиот дел од административните активности за интерконекторот со Грција се завршени.

– Имаме 68 километри и напредуваме како што треба. Следниот јуни е очекуваниот датум кога ова треба да биде завршено. Со Србија минатата недела го потпишавме договорот – тоа се само 23 километри, но сепак има уште долг пат бидејќи дури сега почнуваме. Тоа значи крајот на следната година, почетокот на 2028 година, односно во 2028 година сѐ ќе биде подготвено од Грција до Србија – рече Божиновска.

Министерката претходно учествуваше и на панел во рамки на 6. Метрополитен самит во Солун, каде што една од клучните теми беше Вертикалниот гасен коридор.

На двата настана, посветени на енергетската безбедност и сигурност, учествуваа министри, претставници на енергетски компании и меѓународни институции, експерти, регулатори и инвеститори.