- Годинашното издание покажа дека „Охридско лето“ успева да ја вреднува и да ја одржи богатата децениска традиција, но и да расте и да се менува низ годините во духот на годинашното мото „Уметноста трансформира – уметноста е љубов“ – мото што ја нагласува длабоката духовна и емотивна моќ на уметноста да ги менува луѓето и светот околу нив
- Едуцираната и информирана публика знае да вреднува квалитетна содржина, а не само нешто што го носи предзнакот „спектакл“, а тоа се покажа и на годинашното издание на фестивалот-наследник на традиција што извира од градот Охрид, духовната престолнина на Македонија. „Охридско лето“ е уште еден негов знак за препознавање и сосема со право важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција
Четириесет дена уметност, концерти, театар, балет, полни гледалишта, долги аплаузи, емоции на публиката и незаборавни уметнички вечери беа дел од годинашното 66. „Охридско лето“. Со маестрална изведба на мјузиклот „Као какао“, кој привлече рекорден број публика во Долни Сарај, минатата недела беше спуштена завесата на годинашново издание на најголемата меѓународна културна манифестација во државата. Над 2.000 присутни имаа можност да уживаат во спектакуларното затворање на фестивалот со претставата во режија на извонредниот Дејан Пројковски, по музика на нашиот врвен гитарист Влатко Стефановски и по текст на познатиот македонски писател Венко Андоновски, а во бравурозна изведба на ансамблот на Македонскиот народен театар.
Шеесет и шестото издание донесе исклучително богата програма, со 48 фестивалски настани и над 700 врвни уметници од 24 земји. Во изминатите 40 дена Охрид беше домаќин на уметници со исклучителна кариера и препознатливи имиња од светската и од европската културна сцена. Концертите донесоа различна музичка естетика, од врвна класична музика и опера, преку камерни настапи, до современи музички форми, со што на посетителите им беа понудени разновидност, квалитет и незаборавни уметнички доживувања.
Овие бројки се потврда дека богатата традиција на највредниот фестивал што го имаме продолжува со иста динамика како и во изминативе шест децении. Тоа е доволен доказ дека фестивалот има верна публика, која знае да го цени тоа што на оваа сцена низ годините видела или слушнала некои од најзвучните имиња во светот на музичката класика: Зубин Мехта, Енио Мориконе, Хозе Карерас, Џеси Норман, Михаил Плетњов, Гидеон Кремер, Вадим Репин, Најџел Кенеди, Мстислав Ростопович, Максим Венгеров, Џулијан Рахлин, Хенрик Шеринг, Елена Обраскова, Катја Ричарели, Кшиштоф Пендерецки… Години во кои се обнови реномето што фестивалот го уживал во 1970-тите и 1980-тите, кои сѐ уште важат за златни во неговата шестдецениска историја.
Едуцираната и информирана публика знае да вреднува квалитетна содржина, а не само нешто што го носи предзнакот „спектакл“, а тоа се покажа и на годинашното издание на фестивалот-наследник на традиција што извира од градот Охрид, духовната престолнина на Македонија. „Охридско лето“ е уште еден негов знак за препознавање и сосема со право важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција.
Во далечната 1961 година, на 4 август, под чудесните сводови на преубавата катедрална црква „Света Софија“, беше означено раѓањето на манифестацијата, со настап на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ. На овој прв концерт прозвучи магичниот глас на првенката на Македонската опера, со што се зароди манифестација од светско значење, започна приказната што подоцна беше наречена „Охридско лето“. Годинава токму со промоција на монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Александар Трајковски и концерт на израелскиот машки сопран/контратенор Мајан Лихт и полскиот пијанист Пшемен Виницки беше одбележан 66. роденден на фестивалот. Монографијата е посветена на јубилејот – 100 години од нејзиното раѓањето (1926-2012). Оттогаш и во првите фестивалски години во програмскиот концепт преовладуваше непосредната врзаност на „Света Софија“, како незаменлив простор за камерно музицирање, станувајќи притоа сѐ попривлечна за многу уметници и ансамбли. Фестивалот стануваше привлечна дестинација за уметници со високо реноме, легендарните Леонид Коган (руски виолинист, најдобар во светот во тоа време) и Андра Навара (виолончелист од Франција, исто така еден од најдобрите во светот). Во 1970-тите и 1980-тите продефилираа многу уметници и ансамбли, многу светски реномирани имиња: Мстислав Ростропович, Алдо Чиколини, Гидон Кремер, Руџеро Ричи, Виктор Третјаков, Хенрик Шеринг, Салваторе Акардо, Елена Обрасцова, Катиа Ричарели, Викторија де лос Анхелес, Максим Венгеров, Вадим Репин, Џулиан Рахлин, Иво Погорелиќ, кои придонесоа за натамошниот раст и афирмацијата на фестивалот. Во тие години, како што се зацврстуваше физиономијата на музичкиот дел од програмата, паралелно се почувствува и потребата од истото тоа за другиот програмски сегмент – театарот, па се остварија театарски проекти за паметење по текстови на домашни драмски автори и светски класици како Шекспир, Чехов, Молиер, Гогољ, Брехт, Нушиќ или, пак, старогрчките Софокле, Еврипид, Аристофан…
Годинашното издание покажа дека „Охридско лето“ успева да ја одржи оваа богата традиција, но и да расте и да се менува во духот на годинашното мото „Уметноста трансформира – уметноста е љубов“ – мото што ја нагласува длабоката духовна и емотивна моќ на уметноста да ги менува луѓето и светот околу нив.



































