Фото: Кремљ

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, кој вчера престојуваше во Москва, не се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Не. Немаше средба со претседателот – одговори Песков на прашање на рускиот телевизиски канал РТВИ.

Изјавата беше дадена откако американскиот воен авион со кој, според медиумските извештаи, Ретклиф допатувал во Москва ја напушти Русија.

Песков не прецизираше дали директорот на ЦИА преку руските претставници му пренел порака на Путин од американскиот претседател Доналд Трамп.

Во изјава за „Вашингтон пост“, портпаролот на Кремљ соопшти дека посетата била поврзана со „контакти меѓу безбедносните служби“, но не откри дополнителни детали.

Ретклиф престојувал во Москва на разговори со руски претставници, објавија повеќе американски медиуми, повикувајќи се на неименувани извори. Не е соопштено со кого се сретнал ниту за кои теми се разговарало.

Според податоците на „Флајтрадар24“ (Flightradar24), воениот транспортен авион Ц-17А „Глоубмастер III“ (C-17A Globemaster III) полетал од базата Ендрјус во близина на Вашингтон и, по задржувањето во Рига, продолжил кон Москва.

Авионот слетал на московскиот аеродром Внуково во вторникот по 9 часот, а го напуштил рускиот главен град околу осум и пол часа подоцна.

Ова е прва позната посета на Ретклиф на Москва откако ја презеде функцијата директор на ЦИА. Последен познат директор на агенцијата што ја посетил руската престолнина бил Вилијам Барнс, кој во ноември 2021 година се сретна со Путин.