Дежурните светски економски „синоптичари“ предвидуваат скорашна „совршена инфлаторна бура“

Ивица Маринковиќ, дипломиран земјоделски инженер

Светската економија влегува во опасна фаза во која проблемот веќе не е само колку чини храната туку и дали светот може по истата цена и со истата сигурност да ја произведе.

Пченицата на удар од три страни

Пченицата, најважната глобална прехранбена стока, е меѓу првите што го чувствуваат ударот. Три кризи се преклопуваат. Имено, сушата и екстремните температури го намалуваат производствениот потенцијал, скапите ѓубрива го поскапуваат секој хектар, а војните ги прекинуваат транспортните и енергетските коридори. Тоа веќе не се три одделни ризици. Тие стануваат еден ист економски проблем. И токму затоа предупредувањето дека војните и сушата создаваат „совршена бура“ не треба да се чита само како метафора. Организацијата за храна и земјоделство при ООН (ФАО) предупредува дека повисоките цени на нафтата, загубата на ѓубрива од регионот на Заливот, недостигот од дизел и екстремните временски услови постепено ќе се прелеваат во цените на храната.

Земјоделското ѓубриво – невидливата цена на секој леб

Во земјоделството постои една сурова економска равенка. Имено, без доволно ѓубриво нема доволно принос, а без доволен принос расте цената на секој произведен килограм. Проблемот е што ѓубривото не е само земјоделски производ. Производството на азотни ѓубрива е директно поврзано со природниот гас и енергијата. Кога поскапува гасот, поскапува и производството на ѓубрива; кога војната ги нарушува транспортните коридори, дополнително поскапува нивната испорака. Светската банка проценува дека цените на ѓубривата во првите пет месеци од 2026 година биле 35 проценти повисоки од истиот период претходната година. Тоа значи дека земјоделецот има две лоши опции. Прво, да плати поскапо за истото количество или, второ, да употреби помалку ѓубриво и да ризикува послаб принос. Во услови на високи цени, некои од производителите веќе го избираат второто. Но намалената употреба не значи само помал трошок денес. Таа може да значи помал принос утре. Така се создава инфлаторна спирала – поскапи влезни суровини, па помало производство, потоа помала понуда, па повисока берзанска цена и, се разбира, на крајот – поскапа храна.
Сушата ја затвора третата страна од трианглата, како тростран обрач

Ако скапото ѓубриво го зголемува трошокот на производството, сушата го намалува неговиот резултат. Земјоделството едноставно не може да се „стегне“ како фабрика. Фабриката може да го зголеми производството со дополнителна смена. Нивата не може да произведе повеќе пченица само затоа што пазарот ја бара. Токму тука климатскиот ризик станува економски ризик. Екстремните горештини и променетите режими на врнежи го намалуваат приносот, а во исто време ја зголемуваат потребата за наводнување и други интервенции. И најопасното е што климатскиот шок не мора да се случи во најголемиот производител. Доволно е истовремено да се појават проблеми во повеќе житни региони за глобалниот пазар да реагира. ФАО во јули регистрираше раст на индексот на светските цени на храната од 0,6 проценти на месечна основа, при што растот кај житарките, шеќерот и растителните масла беше само делумно неутрализиран од поевтинувањето на месото и млечните производи. Тоа можеби не изгледа драматично. Но инфлацијата на храната ретко доаѓа како еден голем удар. Таа се таложи.

Фото: „Нова Македонија“

Војната ја претвора храната во енергетска приказна

Потоа доаѓа војната. Блокадата и нарушувањето на сообраќајот низ Ормускиот Теснец го претвораат енергетскиот пазар во дополнителен генератор на инфлација. „Ројтерс“ месецов известува дека протокот низ овој стратешки коридор паднал од околу 18 милиони барели дневно на приближно два милиони, додека пазарите сè повеќе ја третираат нафтата околу 90 долари за барел како можна нова нормала, а не како краткотраен шок. Ова е клучниот момент. Нафтата не е само бензин и дизел на бензинска пумпа. Таа е транспорт, земјоделска механизација, сушење жито, преработка, пакување, ладен синџир и дистрибуција. А природниот гас не е само енергент. Тој е една од основите за производството на азотни ѓубрива. Затоа енергетскиот шок автоматски станува земјоделски шок.

Цената од нивата до маркетот доаѓа со задоцнување

Најопасната карактеристика на оваа криза е што потрошувачот не мора веднаш да ја види. Помеѓу скапиот нафтен барел и поскапото брашно има месеци. Помеѓу поскапото ѓубриво и поскапата пченица има цела производствена сезона. Токму затоа експертите од ФАО предупредуваат дека преносот од цените на земјоделските суровини до крајната цена на храната може да трае од три до шест месеци. Тоа значи дека денешното релативно смирување на цените на полиците може да биде лажно. Сметката можеби сè уште не стигнала.

Црно Море и Ормускиот Теснец: два различни коридора, ист проблем

И додека Ормускиот Теснец го погодува светот преку енергијата, Црно Море ја погодува директно понудата на жито. Најновите нарушувања на извозот од Русија и Украина доведоа до прекини и доцнења на пратките, а цената на пченицата на берзата во Чикаго порасна за повеќе од 17 проценти од почетокот на јули. Русија и Украина заедно обезбедуваат околу 30 проценти од светскиот извоз на пченица. Ова е разликата меѓу нормална инфлација и понуден шок. Кога расте побарувачката, производителите можат да произведат повеќе. Но кога истовремено се намалуваат жетвата, ѓубривото, горивото и транспортните капацитети, производителите не можат едноставно да „произведат повеќе“. Пазарот тогаш има само еден вентил: цената.

Совршената инфлаторна бура

Затоа денес е можно да се зборува за нешто посериозно од обичен нов ценовен циклус. Сушата го намалува приносот. Скапото ѓубриво го намалува економскиот стимул за производство. Војната ги поскапува горивото, транспортот и ѓубривото. Нарушените трговски коридори го отежнуваат движењето на житото. А потоа сите тие трошоци се собираат во една единствена ставка: цената што ја плаќа потрошувачот. Тоа е „совршената инфлаторна бура“: не еден шок, туку повеќе шокови што се хранат еден со друг. И токму затоа малите увозно зависни економии се меѓу најранливите. Богатите земји можат со субвенции, буџетски резерви и стратешки резерви да го амортизираат ударот. Посиромашните економии плаќаат со пад на реалната куповна моќ.

Најголемиот ризик не е само поскап леб

Вистинскиот ризик е стагфлациски. Поскапата храна ја намалува куповната моќ. Поскапото гориво ги зголемува трошоците на компаниите. Повисоките трошоци ја ограничуваат инвестицијата. Повисоката инфлација ја усложнува работата на централните банки. А ако каматите мора да останат повисоки за да се спречи вторичен инфлаторен бран, економскиот раст може да забави токму во моментот кога на фирмите им треба поевтин капитал. Меѓународниот монетарен фонд веќе предупреди дека долготраен конфликт на Блискиот Исток може да значи трајно повисоки енергетски цени и послаб раст, односно комбинација во која инфлацијата и економското забавување се појавуваат истовремено. Затоа прашањето веќе не е дали храната ќе поскапи. Прашањето е колку долго ќе трае шокот и колку длабоко ќе навлезе во економијата.

А за малите увозно ориентирани економии, како што е нашата, одговорот е непријатен. Имено, кога светот ќе влезе во ваква бура, не е доволно да имаш добра макроекономска политика. Мора да имаш и домашно производство, стратешки резерви, енергетска сигурност и земјоделство што може да преживее шок. Токму тука се крие уште еден предизвик со таканаречениот „сезонски карактер“ на нашето земјоделско производство. Тоа се раноградинарски култури, но и голем дел од другите наши земјоделски производи што мораат да се пласираат промптно и да има предвидено пазар/купувач за нив. Во спротивно, тие пропаѓаат. Тие производи не се чоколади или табли челик да може да се продадат и за една година, но и тоа е приказна за анализа. А ние се враќаме на главната теза.

Имено, доколку се затворат Ормускиот Теснец и црноморските пристаништа, кога ќе пресушат полињата и ќе поскапи ѓубривото, кризата не останува таму каде што започнала. Стигнува до пекарницата. До маркетот. До семејниот буџет. И конечно – до инфлацијата. Светот можеби сè уште не е во најлошото сценарио. Но сите состојки за него веќе се на маса.


Каде е Македонија?

Во одговорот на ова прашање, глобалната приказна станува локална – домашна. Мала, отворена и силно увозно ориентирана економија нема луксуз да биде рамнодушна кон глобалните цени на храната и енергијата.

Хипотетички, Македонија може да има стабилна валута, солидни девизни резерви и релативно стабилен банкарски систем, но не може монетарно да произведе пченица, дизел или земјоделско ѓубриво. Ако поскапи увозната пченица, поскапува суровината за мелниците. Ако поскапи дизелот, поскапува транспортот. Ако поскапи ѓубривото, расте производствениот трошок кај домашниот земјоделец. Ако поскапат енергентите, растат трошоците за преработка. И затоа, чекор по чекор увезените шокови се појавуваат на повеќе места во домашната економија. Тоа е инфлација што најтешко се победува со класичните инструменти на економската политика, во домашни рамки. И.М.