КОШАРКА
- Македонија в недела гостува кај Австрија во првиот меч од вториот циклус претквалификации за ЕП 2029
Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Жозеп Марија Берокал, и неговите асистенти во понеделникот во Скопје ги почнаа подготовките со репрезентативците за дуелот со Австрија, в недела, во Виена (16.05 ч.), во вториот циклус од претквалификациите за пласман во квалификациите за настап на Европското првенство (ЕП) во 2029 година.
– Наша цел е настап на следното Европско првенство. За мене ова ќе биде последна шанса да играм на еден европски шампионат со Македонија. За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна репрезентација што игра „ран ен ган“ кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имаме осум до девет дена да се подготвиме заедно за мечот и да одиме во Виена по таа посакувана победа, изјави македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ – пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
По повредата на центарот Итан Хап, во репрезентацијата пристигнува Мозес Рајт, со кого Димитријевиќ очекува добра соработка на теренот.
– Претходно под кошевите Итан Хап го имавме како сериозен и квалитетен играч, но несреќа беше неговата повреда, тоа ни беше хендикеп во претходните квалификации со Естонија. Сега го добиваме Мозес Рајт, преквалитетен играч. Се надевам дека ќе бидеме добар тандем и со преостанатите играчи ќе дојдеме до успех – рече Димитриевиќ, пренесе КФМ.
Според календарот на натпреварување, македонската селекција во овој циклус ќе одигра само еден меч во групата Ф (во која е и селекцијата на Кипар).
Првопласираните во шесте претквалификациски групи ќе играат во квалификациите за ЕП 2029, а другите селекции ќе настапат во третата претквалификациска фаза, во која ќе има четири групи, од кои првопласираните ќе настапат во квалификациите. Во квалификациите ќе играат 32 селекции, поделени во осум групи. На ЕП 2029 ќе се пласираат вкупно 24 репрезентации.
Натпреварите од претквалификациите на програмата се во август и во ноември годинава и во февруари в година. Македонија во втората претквалификациска рунда влегува со максимален ефект од првата фаза, во која го освои првото место во својата група со шест победи на исто толку натпревари. Г.И.
ГРУПА Ф
Кипар – Австрија утре, 18 ч.
Австрија – Македонија недела, 16.05 ч.





































