Иван Кастињеирас Галего, режисер
- Снимен во текот на петнаесет години, филмот „Камени богови“ е интимен и поетичен портрет на руралната заедница сместена на границата помеѓу Галиција и Португалија
Маријана е четиригодишно девојче, кое расте опкружено со приказни и легенди. Како што нејзините најблиски заминуваат еден по еден, нејзината околина полека се менува, сè додека на 18 години не се соочи со голема одлука за иднината. Снимен во текот на 15 години, филмот „Камени богови“ е интимен и поетичен портрет на руралната заедница сместена на границата помеѓу Галиција и Португалија.
Филмскиот режисер Иван Кастињеирас Галего петнаесет години го снимал овој град од неговото детство, со цел да го долови неговиот значајно променлив пејзаж, како и оние што се борат да ја задржат неговата историја. „Камени богови“ прикажува мал регион на границата меѓу Португалија и Шпанија, каде што, во античките легенди, тројца кралеви го почитувале мирот меѓу нивните земји. Во модерното време, тој е дом на шверцери, земјоделци и семејства што се обидуваат да сврзат крај со крај. Додека одлуките донесени стотици километри далеку го загрозуваат нивниот начин на живот, Иван ја набљудува миграцијата на помладите генерации што ја доведува во прашање иднината на областа. Проекцијата е закажана за затварањето на „Македокс“, в четврток во 20.30 часот во „Сули-ан“.

Се фокусиравте на едно семејство и еден пејзаж во период од петнаесет години. Во кој момент сфативте дека повеќе не го документирате само местото туку и самиот тек на времето, како и вашиот сопствен однос со луѓето што ги снимавте?
– Филмот започнува во 2008 година. Јас истражував на оваа граница првично за шверцот. Ова е областа од каде што потекнува мојата мајка, би рекол и моја татковина. Не живеев таму, но поминав неколку лета таму и ги знам приказната и легендите за оваа област, иако не толку длабоко колку што би сакал. Потоа, во 2008 година, направив краток филм насловен „Границата“, кој зборува за шверцот. Моето семејство работеше со шверц со кафе, со животни, бидејќи економијата на оваа граница беше сиромашна. Ова не е погодно место за земјоделство. Има навистина контрастна клима, жешки лета, ладни зими. Шверцот беше единствениот начин да се заработат пари. Поради тоа сите луѓе го работеа тоа. Кога го завршив овој краток филм сфатив дека можам да одам подлабоко. Потоа имав среќа да одам во Моимента, поголемо село, и да најдам едно од последните рурални училишта за деца, што е прикажано на почетокот на филмот. Таму ги запознав Маријана и нејзиното семејство, а тие ме пречекаа многу добро, ми ја отворија вратата… Малку по малку, почнав да ги снимам. На почетокот не бев фокусиран само на ова семејство. Мојот фокус беше поголем, сакав да знам многу работи. Мојата гледна точка беше како онаа на Маријана, детето од филмот: кога си млад, те изненадуваат многу работи, а како што старееш, се фокусираш. Тоа е природниот редослед на овој филм, кој сакав да го задржам при монтажата за да го споделам со публиката процесот што го следев повеќе од 15 години. Првите 30-40 минути од филмот се фокусираат на поголема слика: заедницата, нејзината еволуција и нејзините особености. Како што тече филмот, фокусот оди кон животот на семејството на Маријана и на неа самата. Кога почнав, немав поим колку долго ќе го правам ова или колкупати ќе одам таму. Тоа беше филм направен во самопродукција. Дванаесет години немав ниту поддршка ниту продуцент. Дури во 2022/2023 година добив мала јавна помош и продуцент за да го промовирам проектот. Во текот на сето тоа време никогаш не напишав сценарио. Собирав идеи, следев моменти и пишував малку по малку. Целиот концепт се појави кога сфатив дека семејството полека се иселува – синовите почнаа да си заминуваат оддома, а Маријана ќе биде последната личност што ќе остане дома. Во тој момент имав јасна идеја за концептот на филмот и кога ќе заврши снимањето.

Маријана расте од четиригодишно девојче во млада жена, која мора да донесе голема одлука. Што сакавте да истражите преку нејзиното патување кон зрелоста?
– Маријана го претставува архетипот на мнозинството луѓе што живеат таму. И таа го забележа тоа за време на снимањето, а јас исто така забележав дека во целиот овој регион, Португалија и Галиција, луѓето се иселуваат, емигрираат на север од Европа или во големите градови во Шпанија. Така, Маријана почна да расте со оваа идеја. И да, полека созреваше. Не знаев колку време ќе успеам да ја задржам во филмот, но среќен сум што на крајот петнаесет години снимавме заедно со неа, со цела заедница.

Границата помеѓу Галиција и Португалија не е само географски простор во филмот туку носи и историја, легенди и колективна меморија. Каква улога игра границата во приказната и во идентитетот на луѓето што живеат таму?
– Границата беше посебен регион, посебна област. Оваа граница е една од најстарите граници во Европа што е иста до ден-денес. Границите започнуваат во 1300 година бидејќи Кралството Португалија било едно од првите кралства во Европа што ги воспоставило своите граници. Потоа, се разбира, каде што има граници таму има контроли, има минување, има шверц, има конекции. Оваа граница не е херметичка. Па, може да се премине на различни начини, легално или нелегално. Оваа граница создава некои разлики, мали, но на крајот тие сите се соседи, братучеди се, имаат иста крв, исти рутини, ист јазик. Процесот на истражување беше навистина длабок, собирајќи усни приказни и одејќи во архивите. Сè што снимив во филмот е поврзано со границите и културата на оваа област.
Постои тензија во филмот помеѓу идејата за селото како место што исчезнува и можноста дека сè уште може да се појави нешто ново од него. Дали го гледате „Камени богови“ повеќе како филм за згаснувањето или за обновата на руралниот живот?
– Во филмот пред сѐ е присутен идентитетот, можете да го почувствувате. Па, вистина е дека идентитетот на оваа област има некои заеднички елементи со идентитетите на други традиционалните области. И сигурен сум дека е така, затоа што овој филм беше на толку многу фестивали во светот и бев изненаден што толку многу луѓе се поврзуваат со него, со приказната. Причината е што постојат некои човечки основи, имаме многу заеднички елементи без разлика од која земја сме, имаме слични начини на живеење, слична култура, а сето тоа нѐ поврзува. И оваа област, заедница од еден агол ја гледате како посебна, бидејќи гледате некои поинакви обичаи, традиција, исто така има многу заеднички елементи на пример со Македонија, Грција, Албанија, Италија, тоа прави прекрасна конекција меѓу луѓето.

„Камени богови“ е дел од програмата на „Македокс“. Филмот обработува универзални теми како заминувањето, загубата, припадноста и изборот дали да останеме или да заминеме. Каква порака ѝ носи всушност на публиката?
– Живееме во едно време во кое многу работи се изгубени. Луѓето си заминаа, селата веќе не се како што беа… Кога бев дете, овие села беа живи. Потоа дојде промената, или оваа нова ера, и доведе до тоа луѓето да си одат од селата. Од 1980-тите години до денес, луѓето ги напуштаа овие подрачја. А институциите не се грижеа доволно, не креираа политики, ниту пак обезбедија помош за луѓето да останат таму и да имаат покомотен живот. Така, малку по малку, чекор по чекор, бавно, сите почнаа да заминуваат во поголемите градови.
Тоа е тажно. Изгубивме многу работи, ја изгубивме традицијата, а прекинат е и преносот на обичаите. И така, изгубивме сѐ. Но се надевам и мислам, всушност уверен сум, дека ова е еден циклус. Човечки циклус. Можеби по неколку децении, за 40 или 50 години, повторно ќе треба да се вратиме за да се грижиме за земјата и да живееме во заедница, бидејќи можеби градовите ќе бидат во опаѓање или повеќе нема да функционираат на истиот начин. Нешто слично веќе се случува. Луѓето купуваат куќи или ги обновуваат старите куќи, но повеќе како втор дом, за туризам или само за летниот период. На пример, иселениците се враќаат во јули и август. И тогаш, во тие моменти, селата повторно оживуваат. Традицијата се одржува на некој фолклорен начин. Само неколку луѓе остануваат таму во текот на целата година и продолжуваат да ги практикуваат истиот начин на живот, обичаи, култура, се грижат за земјата.
Јасно е дека изгубивме многу работи, но постои и отпорност. И се надевам дека еден ден повторно ќе се вратиме. Кога Маријана заминува, знам дека за дел од публиката тоа е тажно или носталгично. За мене, не е баш така. Секогаш кога се збогувате со човек за кого се грижите и кој ви е важен во животот, тоа е тажен момент, но за мене тоа е и за славење, бидејќи за Маријана е важно да замине од тоа село, да научи повеќе, исто како што беше важно за мене и за многу други луѓе што ги напуштивме руралните средини за да заминеме во градот, да учиме и да го откриваме светот на поинакви начини, со желба еден ден да се вратиме.
Затоа, се надевам дека Маријана, откако ќе се изгради себеси и ќе може да ја развива својата професија во својата родна земја, повторно ќе се врати дома.





































