
Знаменитостите на Македонија
Автор: Благоја Шундовски
Она што започна како обид да се пронајдат неколку основни податоци за почетоците на организираното образование во едно мало демирхисарско село постепено прераснува во многу пошироко истражување. Секоја нова информација отвора ново прашање, секој пронајден документ води кон друга трага, а зад имињата, куќите и старите училишни записи сè појасно се појавува сликата за едно одамна поминато време. Според досега пронајдените записи, училиштето во Вардино било отворено во 1929 година. Во првите години немало сопствена училишна зграда, па наставата се одвивала во приватни селски куќи – најпрво во куќата на Митре Шундовски, мојот прадедо, која наедно е и моја родна куќа, а потоа и во куќата на Јолевци.
Старите корици се материјални сведоштва за едно време
Во продолжение на истражувањето неодамна го посетив училиштето во Вардино. Со љубезност и дозвола на директорот ми беше ставена на располагање целокупната расположлива училишна документација. Посебно внимание ми привлекоа старите училишни дневници.
Тие се педантно, хронолошки подредени и физички заштитени, што само по себе зборува за грижливиот однос на генерациите учители кон документацијата и историјата на училиштето. За жал, најстарите затекнати и зачувани дневници се од учебната 1964/1965 година па наваму. Тоа значи дека документите од периодот што најмногу ме интересира – 1929–1934 година – засега не се пронајдени. Тука имаше и една мала лична „архивска неправда“. Мојот дневник не можев да го најдам, бидејќи прво одделение во Вардино завршив во учебната 1962/1963 година, две години пред најстариот зачуван дневник. Но архивата сепак ме почести со мало семејно откритие. Го најдов дневникот на мојот прв братучед Иван Шундовски (сега Каранфиловски), а во него и неговиот школски другар и врсник Бале Шоклевски. И се покажа дека старите дневници имаат една незгодна особина – имаат многу добра меморија!

Судејќи според оценките, Иван и Бале во тоа време баш и не се туркале за местото „првенец на генерацијата“. Но, по толку децении, оценките одамна ја изгубиле важноста. Останале имињата, генерацијата и една убава причина денес со насмевка повторно да се отвори стариот дневник. Цела историја – во еден шкаф. На прв поглед – обичен училишен шкаф. Но кога ќе се отворат неговите врати, пред вас се отвора дел од историјата на Вардино.
Дневници, училишна документација, книги и други записи се грижливо подредени и зачувани. Скромно по обем, но исклучително вредно по смисла и содржина. Тоа што денес можеме да ги разгледуваме овие документи не е случајност. Зад нивното зачувување стои грижата на многу генерации учители. Некој пред децении одлучил дека стар дневник не треба да заврши во отпад. Некој друг го подредил. Следниот го зачувал. И така, од учител на учител и од генерација на генерација, тие стигнале до денес.
Во нив се имињата на учениците, нивните оценки и отсуства, имињата на учителите, одделенијата и генерациите што се менувале. Мали записи од кои денес може повторно да се составува големата приказна за едно мало селско училиште. Цела една историја – во еден шкаф.
Скромно, но вредно книжевно богатство. Уште поголемо изненадување беше училишната библиотека. Во неа се чува детална и педантно изработена евиденција на библиотечниот фонд, а меѓу книгите наидов и на исклучително ретки и вредни лектирни изданија на македонски јазик, меѓу кои има примероци отпечатени уште во 1949 година. Тоа се книги што преживеале генерации ученици и учители.
Нивната вредност не е само во годината на печатење. Пожолтените страници, старите корици, печатите и трагите од употребата се материјални сведоштва за едно време во кое македонскиот пишан збор го заземал своето место во училиштето и во образованието на новите генерации. Фактот што тие книги се зачувани до денес повторно зборува за посветеноста и грижливиот однос на учителите што низ децениите работеле во Вардино. Учителите се менувале. Учениците растеле и заминувале. Наставните програми се менувале.
Ова истражување има и лична димензија
Ова истражување за мене неизбежно има и една сосема лична димензија. Во Вардино првпат седнав во училишна клупа во учебната 1962/1963 година, како првоодделенец. Повеќе од шест децении подоцна повторно се враќам на истите места, но овој пат со сосема поинакви очи. Не само како некогашен ученик туку и како човек што се обидува да ги собере расфрланите парчиња од историјата на училиштето и селото. Со себе понесов соодветна фотографска опрема и успеав да направам фотографии од просториите во куќата на мојот прадедо Митре Шундовски, каде што некогаш се одвивала наставата. Тоа е простор што за мене има двојно значење. Некогаш бил училница – а подоцна стана и моја родна куќа.
Во другата куќа, онаа на Јолевци, ја почитував желбата на сопствениците да не фотографирам. Нивната одлука, се разбира, треба целосно да се почитува. И токму овие куќи – денес приватни семејни домови, а некогаш првите училишни простории – остануваат меѓу најважните материјални сведоци за почетоците на организираното образование во Вардино. Токму додека ги истражувам овие куќи, старите документи, дневниците, книгите и сеќавањата, паралелно започна да се развива уште една идеја.
Засега тоа е само идеја, чија реализација би зависела од многу објективни околности, а пред сè од согласноста, разбирањето и договорот со сопствениците на куќите што некогаш биле користени како училишни простории. Но можеби вреди да се размислува за неа. Доколку условите некогаш го дозволат тоа, една од некогашните училници би можела да се адаптира, опреми и автентично да се уреди како своевидна спомен-училница посветена на почетоците на организираното образование во Вардино и пошироко во руралниот Демир Хисар.
Напротив. Една просторија, една стара училишна клупа, табла, мастилница, буквар, стара карта, фотографии, копии од документи, свидетелства, дневници, книги и неколку внимателно избрани предмети би можеле да бидат доволни за посетителот барем за миг да почувствува како изгледала селската училница пред речиси еден век. Таквата спомен-училница би можела да раскажува многу поширока приказна од историјата на една зграда. Таа би можела да им отвори на посетителите нови и за многумина непознати хоризонти за почетоците на организираното основно образование и воспитание во руралните населени места во Демирхисарско.
Да се зачува не само предметот туку и приказната
Притоа, историјата треба да се прикаже онаква каква што била, во целиот нејзин контекст. Во периодот кога во Вардино било отворено училиштето, Македонија се наоѓала во рамките на тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, односно подоцна Кралството Југославија. Наставата се организирала во рамките на тогашниот државен просветен систем, на српски јазик, со учители поставувани од тогашните власти и според наставни програми, учебници и образовни доктрини определени од тој систем. За денешните генерации токму ова може да биде една од најзначајните димензии на приказната. Да влезат во една реконструирана училница и да се запрашаат како изгледал еден училиштен ден во Вардино во 1929 година. На каков јазик учеле децата? Од кои буквари? Кој ги подучувал? Какви карти виселе на ѕидовите? Што пишувало во наставните програми? Каква била улогата на учителот во селото? И како изгледало детството на едно селско дете што за првпат седнувало во училишна клупа? Тогаш една мала просторија би престанала да биде само стара соба.
Би станала простор на меморијата. Не само да се зачува предметот туку и приказната. Таквата спомен-училница би можела да ги поврзе различните периоди од образовната историја на Вардино. Од првите часови во приватните куќи во 1929 година, преку изградбата на училишниот објект во 1930-тите години, повоената настава на македонски јазик, старите лектирни изданија, генерациите учители и ученици, па сè до времето кога училиштето станало дел од личната биографија речиси на секое вардинско семејство.
Ако се направи внимателно, со почит кон историските факти и без непотребно идеализирање на минатото, таквиот простор би можел да има и образовна, историска, културна и туристичка вредност. Особено за младите. Зашто едно е да прочитате дека во 1929 година наставата се одржувала во приватна селска куќа. Сосема друго е да влезете во таа куќа и да застанете во просторијата во која навистина седеле учениците. Таму историјата престанува да биде само датум. Станува простор, предмет, мирис на старо дрво, фотографија, книга – и човечка приказна. Во меѓувреме продолжува и потрагата по Василије Првуловиќ. Се обидов да воспоставам контакт со началничката на Општина Језеро, од која сè уште очекувам одговор. Истовремено, добив силно охрабрување од претседателката на Националниот совет на Македонците во Србија, г-ѓа Зорица Митровиќ, која вети лично да се ангажира и да помогне во потрагата по другите податоци за првиот вардински учител.
Секоја нова трага нè носи чекор поблиску
Сè уште не го знаеме точниот датум на раѓање на првиот учител Василије Првуловиќ, каде се школувал, каде ја започнал учителската кариера и каде го однел животот по годините за кои досега успеавме да пронајдеме траги. Не се пронајдени ниту дневниците од првите години на училиштето, ниту други непосредни документи од периодот 1929–1934 година. Но секоја нова трага нè носи чекор поблиску. Архивите даваат едни одговори, училиштето други, старите куќи трети, а сеќавањата на луѓето понекогаш ги чуваат оние највредните. Истражувањето за првото училиште во Вардино одамна престана да биде само потрага по еден стар документ или едно заборавено име. Тоа станува потрага по едно време. По луѓето што го создавале училиштето. По учителите што доаѓале и заминувале. По децата што првпат ги учеле буквите. По куќите во кои се одржувала наставата. По книгите, дневниците и свидетелствата. По приказните што сè уште живеат во семејните сеќавања.
А можеби еден ден некои од сите тие траги повторно ќе се најдат на едно место – во една мала автентично уредена спомен-училница во Вардино. Просторија во која посетителот нема само да гледа стари предмети туку и ќе може да разбере како започнувало образованието во едно демирхисарско село и низ какви историски, јазични, политички и општествени околности минувале генерациите пред нас. Можеби најважните документи допрва ќе се појават. Можеби некој во својот дом сè уште чува стара фотографија, свидетелство, буквар, писмо, книга или приказна пренесувана од поколение на поколение. И можеби токму некој таков мал, навидум безначаен предмет ќе ја отвори следната голема страница од ова истражување. Затоа потрагата продолжува. Зашто додека постои желбата да се трага, да се запишува и да се памети – надежта не смее да нè напушти.


































