Доне Прентоски,
постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија

Постои една особина на Израел што тешко може да се објасни само со неговата демографија или со големината на неговата територија. Држава со околу десет милиони жители економски и технолошки се однесува како многу поголем систем. Неговата вистинска сила не е само во воената технологија, разузнавачките способности или војската туку и во институционалниот модел што постојано произведува нови технологии, компании, инженери и претприемачи. Токму тука се наоѓа една од најважните разлики меѓу Израел и значителен дел од континентална Европа.

Ваму каде што работам, во Германија, на пример, и натаму се располага со извонредна индустриска база, врвни инженерски компании, силни универзитети и огромно акумулирано знаење. Но германскиот економски модел, кој со децении се темелеше на индустриска прецизност, долгорочно планирање и стабилни институции, денес се соочува со проблем што Израел одамна го третира како прашање на опстанок: како научното знаење што побрзо да се претвори во производ, компанија и глобален бизнис.

Израелскиот одговор е создавање речиси затворен иновациски циклус: универзитет – војска – истражување – стартап – капитал – технологија – ново истражување! Тоа е огромна разлика. Тоа не е модел создаден прекуноќ!

„Технион“ е основан уште во 1912 година, Хебрејскиот универзитет во Ерусалим во 1918 година, а институцијата од која подоцна се развива Вајцмановиот институт во 1934 година. Значи, инвестицијата во научниот капацитет започнува пред создавањето на државата Израел во 1948 година.

Тоа е важен историски детаљ. Израел не почнал прво да гради администрација, па дури потоа да размислува за знаење. Научните институции биле поставени како еден од темелите на идното општество.

Потоа во системот влегува војската. Тука моделот станува особено интересен. Во многу европски држави млад човек со исклучителен потенцијал најчесто оди на универзитет, стекнува диплома, потоа бара практично искуство и постепено влегува во светот на високотехнолошката индустрија.

Во Израел значителен број млади луѓе уште во воената служба се соочуваат со реални технолошки задачи – од сајбер-безбедност и комуникации до обработка на големи количества податоци, електроника и развој на напредни софтверски системи.
Тоа е суштинската разлика: знаењето не останува само академско. Се проверува во услови во кои решението мора да функционира. Еден од најпознатите примери е единицата 8200, која стана еден од најзначајните расадници на израелскиот технолошки сектор. Нејзиното значење не се состои само во конкретните знаења што ги стекнуваат припадниците туку и во начинот на размислување што го развиваат: проблемот мора да биде решен, а ако не постои решение – треба да се создаде.
Тоа создава култура во која неуспехот не мора да значи крај на проектот, туку информација дека следниот обид треба да биде поинаков. Тука се појавува и познатиот израелски концепт „Хуцпа“ (chutzpah) – комбинација од смелост, самодоверба и подготвеност да се оспори претпоставката дека нешто не може да биде направено.

Во технологијата тоа значи поставување едноставно прашање: ако некој голем европски индустриски систем со години работи на одреден проблем, зошто мала компанија не би се обидела да го реши на сосема поинаков начин? Во најголем број случаи нема да успее. Но доволен е еден успех за да се создаде нова компанија, нов производ и нов глобален пазар.

Израел има и уште една предност, која на прв поглед изгледа како слабост: малиот домашен пазар. Со околу десет милиони жители, израелска технолошка компанија нема можност со децении да се потпира само на домашната побарувачка. Од самиот почеток мора да размислува глобално – за САД, Европа, Азија и преостанатиот свет.
Затоа израелскиот стартап најчесто не се прашува како да стане голем на домашниот пазар, туку како веднаш да стане релевантен на глобалниот. Токму тоа е една од лекциите што европските економии денес повторно мораат да ги научат. Европа има капитал, индустрија, универзитети и огромен единствен пазар. Но често има проблем со брзината. Процесите се долги, регулативата е сложена, институциите се фрагментирани, а патот од лабораторијата до комерцијален производ може да трае со години. Германскиот индустриски систем е извонреден кога треба да се произведе нешто со исклучителна прецизност и сигурност. Но во новата економија, во која циклусот на технолошки промени се мери во месеци, а не во децении, предност може да има оној што прв ќе го претвори знаењето во применлива технологија.

Тоа е местото каде што израелскиот модел станува особено релевантен. И тука безбедносниот аспект не треба да се гледа само како воена приказна. Израел со децении живее во средина во која технолошкото заостанување може да има директни безбедносни последици. Затоа инвестицијата во технологија не се третира како луксуз, туку како стратешка потреба.

Ракетната одбрана е само највидливиот пример. „Железната купола“ покажува како инженерството, софтверот, радарските системи и алгоритмите можат да се интегрираат во практично решение. Следниот чекор е уште поинтересен: ако традиционалниот одговор на евтините дронови е прескап, тогаш не е доволно само да се направи „подобра“ верзија на постојното решение. Треба да се промени економиката на целиот проблем.

Оттука доаѓа развојот на ласерски системи, вклучувајќи го и „Железен зрак“. Тоа е суштината на израелскиот технолошки пристап: не само да се подобри постојното решени, туку и да се промени начинот на кој е поставен проблемот. Токму затоа израелската конкурентска предност не може да се измери само со бројот на авиони, тенкови или ракетни системи. Многу поважно е прашањето колку брзо една држава може да ја создаде следната генерација на технологија.

Универзитетите произведуваат знаење. Војската создава практично искуство. Тоа искуство преминува во стартапи. Стартапите привлекуваат ризичен капитал.
Капиталот финансира нови технологии. Технологиите повторно наоѓаат примена и во цивилниот и во безбедносниот сектор. И циклусот започнува одново. Тоа е системска предност.

Токму затоа израелската економија е интересна и од перспектива на Европа. Не затоа што Израел е поголем или побогат од европските индустриски гиганти, туку затоа што покажува како една мала држава може ограничувањето на големината да го претвори во притисок за иновација.

Според податоците на Израелската иновациска управа, високотехнолошкиот сектор во 2025 година учествувал со 18,3 проценти во БДП и со околу 58 проценти во извозот, додека производството на секторот пораснало за 8,2 проценти. Тоа се показатели што покажуваат дека технологијата таму не е само додаток на економијата – таа е еден од нејзините главни носечки столбови.

И тука се наоѓа најважната порака за европските економии, особено за земји како Македонија.

Не станува збор за копирање на Израел. Не може да се копираат неговата геополитичка положба, воениот систем или историските околности. Она што може да се преземе е моделот на поврзување на знаењето со бизнисот. Универзитетот да не биде само институција што доделува дипломи. Истражувачкиот центар да не биде само место за научни трудови. Државата да не биде само регулатор. Компанијата да не биде само корисник на туѓа технологија. Меѓу нив мора да постои функционален механизам.


Зошто Муцунски има причина да го посети Израел?

Марјан Велевски

Посетата на израелската држава од страна на македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски слободно може да се чита и надвор од дневната политика или глобалните движења и дипломатските теми поврзани со тоа. Доколку се отстрани политичкиот слој, што воопшто не е мотивот за оваа посета, Израел нуди нешто што на Македонија ѝ е можеби најважно: стручност за економија базирана на знаење!

Македонскиот проблем не е само недостигот од капитал. Проблем е како ограничениот капитал да произведе поголема додадена вредност. Израелската лекција е дека мала држава не мора да има голем пазар за да создаде голема економска вредност. Потребни се квалитетни универзитети, применливо истражување, врска меѓу науката и компаниите, поддршка за стартапи, пристап до ризичен капитал и администрација што не го забавува претприемачот.

За Македонија особено е важен израелскиот принцип „глобално од првиот ден“ (global from day one). Домашниот пазар е премал за компаниите да растат само преку локална побарувачка. Затоа производот мора да биде создаден со регионален или глобален пазар на ум!

Министерот Муцунски, според тоа, има рационална причина да не ја гледа оваа земја (само) низ чисто политичко-дипломатска призма, туку низ конкретна економско-трговска призма, а Израел како лабораторија за економски искуства!

Она што треба да се бара не е израелски капитал сам по себе, туку израелско знаење. Имено, за тоа како се создава стартап, како се поврзува универзитет со индустрија, како се привлекува инвеститор и како технологијата станува извозен производ. За Македонија тоа е многу повредно отколку едно површно толкување и перцепција дека посетата е „декларација за пријателство“ или „политичка поддршка“ од Македонија!?
Затоа што во економијата на XXI век најскапиот ресурс повеќе не е само капиталот. Тоа е способноста знаењето да се претвори во производ, а производот во глобален бизнис. И токму во таа дисциплина Израел има што да покаже, а ние немаме време за губење.