Огромен финансиски долг на САД, и Европа ги чувствува последиците

  • Долгот на владата на САД изнесува 40 билиони долари (еден билион е еднаков на илјада милијарди – н.з.). Проблематичната состојба на САД се прелева и на финансиските пазари во Европа, бидејќи европските влади мора да се натпреваруваат со Вашингтон за глобалниот фонд на заштеди. Во еден таков контекст, повеќе влади на земји членки на ЕУ при планирање на буџетите за следната година ќе се соочат со дополнителен притисок за зголемување на даноците (или, пак, за намалување на трошоците) додека се обидуваат да ги задоволат апетитите за милитаризација и вложувања за свое вооружување. А во земји како Франција, Шпанија и Италија, тоа лесно би можело да влијае и врз националните избори следната година…

Долгот на владата на САД од 40 билиони долари (еден билион е еднаков на илјада милијарди – н.з.) станува глобален проблем бидејќи трошоците за задолжување на владите низ светот скокнаа на највисоко ниво во последните неколку дена, одразувајќи ги стравувањата дека војната, демографскиот пад и непредвидливите последици од технолошките промени „ги истегнуваат финансиите на Вашингтон до точка на кршење“, објавува реномираниот „Политико“.

Податоците од Министерството за финансии на САД покажуваат дека јавниот долг изнесува 40,045 билиони долари, вклучувајќи ги државните хартии од вредност што ги држи јавноста, во вредност од 32,27 билиони долари и меѓувладините долгови во вредност од 7,78 билиони долари. Економистите предупредуваат дека фискалната криза е неизбежна, а трошоците за програмите за социјална заштита и каматните плаќања далеку ги надминуваат приходите ограничени од намалувањето на даноците. Долгот се зголеми за 11,4 билиони долари за време на двата мандата на Трамп досега, односно за 8,4 билиони долари за време на претходниот претседател Џо Бајден.

Дополнителен притисок врз членките на ЕУ

Проблематичната состојба се прелева и на финансиските пазари во Европа, бидејќи европските влади мора да се натпреваруваат со Вашингтон за глобалниот фонд на заштеди. И таа конкуренција стана многу поостра и построга годинава, бидејќи американските технолошки гиганти позајмија стотици милијарди долари со цел да стекнат дополнителен профит на полето на вештачката интелигенција (ВИ).

Десетгодишните трошоци за задолжување на Германија, кои го поставија темпото за остатокот од Европа, деновиве достигнаа највисоко ниво уште од 2011 година, откако стравувањата од инфлација и зголемениот буџетски дефицит на Америка го зголемија референтниот принос на 30-годишните државни обврзници на САД (колку инвеститорите добиваат кога ѝ позајмуваат на владата) на највисоко ниво за последните 19 години. Проблемот го усложни веста дека долгот на американската влада сега надмина 40 билиони долари.

Како резултат на тоа, повеќе влади на земји членки на ЕУ ќе се соочат со дополнителен притисок за зголемување на даноците (или намалување на трошоците), дури и додека се обидуваат да ги зголемат вложувањата за вооружување и безбедност, при планирање на буџетите за следната година.

А во земји како Франција, Шпанија и Италија, тоа лесно би можело да влијае и врз националните избори следната година.

Повеќето земји во Европа акумулирале огромни долгови во последните 20 години, при што периодичните кризи како што се пандемијата на ковид-19 или финансиската криза од 2008 година го засилуваат постојаното долгорочно влошување на јавните финансии поради зголемените обврски за здравство и пензиските фондови.
Долговите на јавниот сектор низ еврозоната се зголемија од 66 проценти од БДП во 2007 година на нешто помалку од 88 проценти минатата година. А Европската комисија очекува тие да продолжат да растат во блиска иднина, бидејќи буџетските дефицити повторно се зголемуваат под притисокот на војните во Иран и во Украина.
Додека Европската централна банка ги држеше каматните стапки близу до нула, како што правеше од 2009 до 2022 година, сметката за камати за тој долг беше управлива. Но со зголемената инфлација, равенката се промени. ЕЦБ веќе ги зголеми каматните стапки еднаш годинава, бидејќи војната на САД и Израел во Иран ги зголеми цените на нафтата и гасот. Дејвид Рис, раководител на Одделот за глобална економија во „Шродерс“, очекува уште две зголемувања од четвртина процент до крајот на годинава. Следствено, обврзниците издадени од пред 10 години сега мора да се рефинансираат со каматни стапки многу поблиски до историски нормалните нивоа.

Франција останува ранлива

Секако постојат и ублажувачки фактори. Товарот на сервисирање на долгот на Италија е многу помалку акутен, бидејќи нејзините нови обврзници не се значително поскапи од оние што ги издаваше пред една деценија, кога сè уште ја носеше стигмата на кризата со суверениот долг. И покрај тоа што Санчез не можеше да донесе буџет од 2022 година, брзиот раст на населението што го дозволи неговиот опуштен режим за имиграција го зајакна бруто-домашниот производ на Шпанија и обезбеди повеќе можности за носење на товарот на долгот во иднина. Долгот на Шпанија се очекува да се намали под 100 проценти од БДП оваа година, според Европската комисија.

Комбинираниот буџетски дефицит на еврозоната е само половина од оној на САД, а ЕУ и ЕЦБ ги пополнија најлошите институционални и регулаторни празнини што доведоа до кризата со суверениот долг во 2010 година. Исто толку е важно што неодамнешните реформи донесени од владата на Фридрих Мерц во Германија треба да помогнат во поткрепувањето на растот и таму и во ЕУ во целина, според главниот економист на Беренберг банка, Холгер Шмидинг.

Но вознемиреноста расте, особено земајќи ја предвид состојбата во Франција. Францускиот национален завод за статистика ИНСЕЕ проценува дека трошењето на Париз за каматата на долгот ќе се зголеми повеќе од четири пати во тековната деценија, од 30 милијарди евра во 2020 година на 124 милијарди евра во 2030 година. Тоа се пари што, под различни околности, можеа да се насочат кон финансирање нови болници, зелена транзиција, вооружување – или дури и пониски даноци. Франција не е единствената што мора да се справи со повисоки трошоци за задолжување во незгоден момент од својот политички циклус. Италијанската премиерка Џорџа Мелони и шпанскиот премиер Педро Санчез се кандидати за реизбор следната година, а Финска, Грција, Естонија и Словачка исто така ќе излезат на гласање (заедно со Полска, која не е во еврозоната). Р.С.