Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска најави забрзување на процесот на гасификација во земјава, со цел природниот гас да стане подостапен за што поголем број општини, институции и граѓани, пренесе МИА.
На работна средба со новиот Управен и Надзорен одбор на НОМАГАС АД Скопје, Божиновска истакна дека гасификацијата не треба да остане само инфраструктурен проект, туку да се создадат услови за реално користење на природниот гас во земјата.
Според неа, за забрзување на процесот е потребна координација меѓу државата, општините и НОМАГАС, како и воведување јасни механизми што ќе овозможат побрза реализација на проектите.
На средбата биле разгледани активностите на компанијата, со посебен акцент на развојот на гасната инфраструктура и зголемувањето на употребата на природниот гас.
Интерконекторот со Грција е во финална фаза, додека паралелно се интензивираат разговорите за реализација на интерконектор со Србија. Со овие проекти, како што беше посочено, Македонија ќе има можност за пристап до повеќе извори и правци на снабдување со природен гас.
Дополнително, за септември е најавено приклучувањето на земјава кон Вертикалниот коридор, што би требало да придонесе за поголема диверзификација на снабдувањето и зајакнување на енергетската сигурност.
Посебно внимание било посветено и на забрзувањето на гасификацијата во општините. Разгледани се можности за воведување дополнителни механизми со кои општините би се поттикнале поактивно да се вклучат во процесот, додека државата ќе продолжи да создава услови за полесен пристап до гасната инфраструктура.
Од Министерството посочуваат дека приоритет останува динамичната реализација на капиталните проекти, ефикасното управување со гасната инфраструктура и координацијата со НОМАГАС, со цел создавање стабилен, диверзифициран и конкурентен енергетски систем.


































