Фото: ЕПА

ТЕНИС – САД ОПЕН

Роже Федерер, член на клубот „АТП број 1“ и петкратен шампион на САД опен, е во Њујорк, каде што синоќа требаше да одигра егзибициски натпревар, пред да отпатува за Њупорт, Род Ајленд, за да биде примен во Меѓународната тениска куќа на славните викендов, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Отвореното првенство на САД секогаш ќе има посебно место во срцето на швајцарската ѕвезда бидејќи освои пет последователни трофеи од 2004 до 2008 година.
– Претпоставувам дека серијата од пет по ред што успеав да ги спојам некако е надреална, бидејќи секогаш знаев колку е тешко да се победи тука. Сите поминуваат низ тоа. Секој може да игра на тврди терени и со влажност, ветер, тука беше едноставно тешко. Па мислам дека гледајќи наназад, тоа е неверојатно – рече Федерер.

Федерер играше на САД опен со некои од најдобрите тенисери во историјата.
– Мој омилен веројатно е натпреварот што го имав со Андре Агаси тука. Не знам, само чувствував дека ќе биде посебна пригода за него. Бев бранител на титулата и тоа некако го направи супер кул. Претходната година веќе игравме пет сета, луди ветрови во текот на два дена еден против друг. Го обожавав ривалството што го имав со Андре во тоа време, па затоа играњето против него тука во Њујорк беше дополнително посебно – рече Федерер за финалето во 2005 година, пренесе АТП.

Тој не се натпреваруваше против некои од најдобрите играчи на денешницата, вклучувајќи ги Јаник Синер и Карлос Алкараз, па со кого од двајцата би сакал да се соочи?
– Можеби Карлос, мислам дека е возбудлив. Никогаш не добив шанса да играм против него или против Синер. Само малку трениравме заедно. Значи, за жал, не играв со таа генерација. Очигледно, со Новак би било кул. Мислам, тој уште е силен и уште игра, што е кул – рече Федерер, пренесе АТП.

Синоќа Федерер требаше да се врати на теренот на стадионот „Артур Еш“ за егзибициски натпревар заедно со Енди Родик, Андре Агаси и со Џон Мекенро, сите членови на клубот „АТП број 1“. Н.М.