Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп привремено ги одложува закажаните интервјуа за имигрантски визи во американските амбасади и конзулати ширум светот.
Одложувањето е поврзано со глобална програма за обука на конзуларните службеници, соопшти портпарол на Стејт департментот.
– Започнавме глобална иницијатива за обука во сите американски амбасади и конзулати. Термините за визни услуги ќе бидат приспособени за да се овозможи спроведувањето на обуката – соопшти Стејт департментот.
Министерството не објави колку ќе трае обуката ниту кога ќе продолжат редовните интервјуа.
„Фајненшл тајмс“, кој прв извести за мерката, објави дека барателите на имигрантски визи со веќе закажани интервјуа добиле електронски пораки дека нивните термини се одложени. Новите датуми треба да им бидат соопштени дополнително.
Целта на обуката, според Стејт департментот, е конзуларните службеници подобро да ги препознаваат апликантите за кои се проценува дека би можеле да станат зависни од американската социјална помош, како и сите барања да се разгледуваат „сеопфатно и доследно“.
Мерката е дел од поширокото заострување на имиграциската политика на администрацијата на Трамп, кое опфаќа укинување визи и зелени карти, построги проверки и дополнителни услови за апликантите.
Минатиот петок американски сојузен судија ја поништи политиката со која беше запрено издавањето имигрантски визи за државјани на 75 земји, оценувајќи дека државниот секретар Марко Рубио ги пречекорил своите законски овластувања.
Организациите за заштита на човековите права ги критикуваат имиграциските мерки на администрацијата, оценувајќи дека дел од нив се дискриминаторски и ги загрозуваат правото на слобода на говор и правото на правична постапка.



































