Долгометражниот игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ, на 32. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Сараево освои вкупно четири награди, со што испиша историја за македонската кинематографија на овој еминентен европски фестивал.
Во официјална конкуренција „17“ ја доби наградата „Срце на Сараево“ за најдобра актерка за Ева Костиќ. Според оценката на жирито, таа има „бестрашен влез на сцената на млада актерска надеж. Сурова и длабоко инстинктивна изведба. Таа ја исполнува улогата со исклучителна емоционална искреност, најавувајќи доаѓање на актерка со редок и моќен глас.
Филмот доби и специјална награда за родова еднаквост за режисерката Косара Митиќ. Според оценката на жирито, „овој мајсторски режиран филм не го штити гледачот од непријатност, прикажувајќи ги систематската занемареност и социјалното табу на сексуалната злоупотреба и траума на млади девојки. Суровата и клаустрофобична кинематографија ја става исклучително безбедната и разорна главна улога во центарот, додека ја доловува силната врска на женската солидарност. Тоа е последна критика на патријархалната токсичност“.
Дополнително, „17“ доби и уште две придружни фестивалски награди од партнерите на фестивалот: „Синееуропа“ за продукција, награда посветена на европската кинематографија и нејзините творци. Филмот „17“ покрај тоа што несомнено поседува уметнички квалитети, ги промовира и идеите за европски дијалог и интеграција. И другата награда е од публиката за најдобар филм.
– Ова 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал (СФФ) има историско значење за македонската кинематографија. Со вкупно четири освоени награди, од кои две во официјална конкуренција, „17“ ја постигна досега најголемата победа за Македонија во Сараево. Верувам дека оценувачите на филмската уметност во Сараево успеаја да ги препознаат суштината и пораката. Наградите значат потврда на досегашниот успех на филмот и, секако, признание дека ова долгометражно дело, создадено пред сѐ од млади луѓе, преку филмот отвори суштински важна тема – изјави Томи Салковски, продуцент на филмот.
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски центар и СЕЕ Синема нетворк. Сценариото е потпишано од Косара Митиќ и познатиот хрватски автор Огњен Свиличиќ. Продуцент на филмот е продукцијата „Црна мачка“, во копродукција со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а на меѓународната продажба на филмот работи „Tотем филмс“ од Франција.



































