Фото: „Нова Македонија“

И вистина и предизвик: Водата станува ограничувачки фактор за производство на храна


Новинарска опсервација

Повод: Во теков на летово, ГИЗ, односно Германското друштво за меѓународна соработка (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit – GIZ GmbH) директно предупреди дека „македонските земјоделски површини (полиња) се под сериозен притисок од сушата, а климатските проекции укажуваат на значително намалување на летните врнежи!“

Патем споменато, ГИЗ е германска федерална компанија за меѓународна развојна соработка, целосно во сопственост на германската држава. Сериозно работи во околу 120 земји и спроведува проекти во области како климатски промени, земјоделство, животна средина, економски развој итн. ГИЗ е во Македонија од 1992 година, со канцеларија во Скопје. Работи со македонски институции, локални власти, бизниси и други партнери.

По истото прашање и по истата основа, Светската банка (СБ), пак, проценува дека без адаптација, климатските штети за Македонија би можеле да достигнат околу четири отсто од БДП до 2050 година.

Но пред нашиот денешен текст, како освежен новинарски осврт на ова суштинско прашање за производство на домашна храна, значајно е во воведното излагање да се издвои дека низ целата оваа тема е испреплетена есенцијалната нишка поврзана за водата! Токму водата како тема веќе подолго време и со сериозна длабочина се анализира во „Нова Македонија“, за поздравување е дека истата таа сѐ повеќе се третира и во македонскиот јавен дискурс и кај надлежните во државата како прашање на висока економска и национална безбедност, а не само како еколошко прашање. Во еден таков контекст, лајтмотивот на текстовите што следуваат се предупредувачки, но наедно, се надеваме и едукативни, корисни, вредни и инспиративни во врска со предизвикот пред кој сме исправени. Нашиот регион и Европа се соочуваат со нешто што досега изгледаше како проблем на сиромашните и сушните делови од светот. Водата станува ограничувачки фактор за производство на храна… Како натаму?


Она што денес се случува низ Европа не треба да се чита како уште една климатска епизода што ќе помине со првите есенски дождови. Топлотните бранови, сушата и падот на земјоделските приноси почнуваат да ја менуваат економската математика на храната. Во Франција се сушат земјоделските региони, во северна Италија водата не стигнува до дел од оризовите полиња, Шпанија пријавува пад на приносите, а германските земјоделци очекуваат милиони тони помалку жито. Во Франција веќе во тековниов месец август е регистрирано „сериозно празнење на подземните води“.
И токму можеби ова беше најважниот детаљ во целата тревога, што предизвика новинарски мотив да се пишува повторно на оваа тема и да се излезе со нови детали. Кризата не е само во почвата туку под неа. Европа почнува да се соочува со нешто што досега изгледаше како проблем на сиромашните и сушните делови од светот – водата станува ограничувачки фактор за производство на храна.

Од климатски шок до економски шок

Соговорниците од Земјоделскиот факултет при УКИМ веќе подолго време анализираат и предупредуваат дека она што се случува во Европа, па и во светот веќе не е елементарна временска непогода. Тоа е длабока промена од која, без разлика од што е предизвикана, дали е „циклично-историска или човекот некако придонесува со својата неодговорност…“, последиците веќе настапиле и се чувствуваат.

– Кога се намалува жетвата, не поскапува само земјоделскиот производ. Поскапува сточната храна, растат трошоците на прехранбената индустрија, се нарушуваат синџирите на снабдување, а на крајот сметката стигнува до потрошувачот. Европските процени за штетите од сушата и топлотните бранови се движат од десетици до стотици милијарди евра, зависно од тоа што се вклучува во пресметката – велат на почетокот на разговорот универзитетските професори.

Во врска со истото тоа, реномираниот „Ројтерс“ веќе известува во своите постојани писанија дека „пазарите ја вградуваат климатската нестабилност во очекувањата за цените на храната и економскиот раст!“ Што им значи ова?
– Тоа значи дека храната престанува да биде само земјоделско прашање. Станува прашање на инфлација, трговски дефицит, социјална стабилност и национална безбедност. Европската Унија го разбира тоа и затоа, паралелно со мерките за земјоделството, вложува големи напори за да ја осигури безбедноста во снабдувањето со земјоделски ѓубрива. Ова се постигнува преку диверзификација на синџирите на набавка и зголемување на отпорноста на домашното производство – велат во разговорот универзитетските професори.

Македонија не е остров

– За Македонија ова не е далечна европска приказна. Ако европските производители произведуваат помалку, Македонија ќе се натпреварува за истите количества храна на поскап европски и светски пазар. А ако европските земји во услови на недостиг почнат прво да го обезбедуваат сопствениот пазар, логично е да се постави прашањето: Од каде ќе увезуваме ние? Македонија веќе увезува значајни количества месо, млеко и млечни производи, жито, масло, овошје, зеленчук и преработена храна; околу 46 проценти од земјоделскиот увоз доаѓа од Европската Унија. Во нормални години тоа може да изгледа како трговска размена, се разбира неповолна, па ајде сега ќе се ангажираме за да балансираме поради тоа, во други сфери… Но овој пат не е така. Малку е посериозно и повеќеслојно. Годините на интензивна суша во Европа се на пат да прераснат во критично прашање за националната и регионалната безбедност – објаснуваат професорите со кои разговаравме на оваа тема.

Водата е нашата стратешка резерва

– Имаме води, езера, реки и значаен земјоделски потенцијал, но сѐ уште немаме доволно добро организирана генерална политика што овие ресурси ќе ги претвори во долгорочна отпорност. Рака на срце, се разбира дека се чувствуваат дека се прават реформи, но тргнавме од – минус и треба да излеземе од него. Еве, ФАО проценува голем потенцијал на земјиште под системи за наводнување, но значаен дел од инфраструктурата е нефункционална или сериозно дотраена. Тоа значи дека Македонија не треба да чека Европа да влезе во подлабока криза за да сфати дека водата е стратешки ресурс. Земјата што денес инвестира во вода, утре практично инвестира во – храна. Земјата што денес ја губи водата, утре ќе увезува храна со пари што можела да ги заработи дома. Затоа не е точно дека Македонија нема потенцијал за производство на храна. Има! Но предизвикот е сега и веднаш тој потенцијал да го претвори во стратегија. И времето за одговор на тоа прашање е многу пократко отколку што изгледа – велат нашите соговорници, професори на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Импактот врз Македонија, прв удар, увозно-инфлаторен

Во врска со повеќе анализи дека европската суша ќе стигне во Македонија, прво преку цените, потоа преку полиците и рафтовите во продавниците, нашите соговорници направија кус осврт и зазедоа категоричен став околу тоа прашање.
– За Македонија европската земјоделска криза има еден непосреден ефект, а тоа се нарекува „ризик од поскапа и понестабилна храна“! Нашата економија е премала за да ги диктира условите на европскиот пазар, но доволно отворена за европските нарушувања брзо да ги почувствува. Кога во Франција, Германија, Италија и Шпанија паѓа производството, конкуренцијата за жито, добиточна храна, масло и други суровини станува посилна. А Македонија веќе увезува дел токму од тие производи. Затоа првиот импакт ќе се почувствува како увозно-инфлаторен – велат професорите.

Вториот удар е врз земјоделците

– Македонскиот земјоделец ќе се најде „во сендвич“ ситуација. Од една страна ќе растат цените на семенскиот материјал, ѓубривата, енергијата и сточната храна. Од друга страна климатскиот ризик (водата) ќе го зголемува ризикот од намалени приноси. Тоа е особено опасна комбинација за земјоделството, што се огледа со повисоки трошоци и понесигурен принос. ГИЗ веќе предупредува дека климатските промени во Македонија директно го намалуваат производството и го отежнуваат планирањето на сеидбата, наводнувањето и жетвата. Следната фаза може да биде напуштање на дел од земјоделското производство, особено таму каде што земјоделецот нема пристап до вода и современа технологија – велат соговорниците.

Третиот импакт би бил стратегиски

– Најголемата опасност не е поскапата „ајварка“, метафорично кажано, за да се сфати подобро и да остави посилен впечаток… – нагласуваат професорите и продолжуваат со констатацијата за „најголемата закана за нас“…
– Најголемата опасност е државата да стане зависна од странски извори за основната храна. Зависноста од увоз сама по себе не е слабост. Слабост е зависноста од увоз во услови кога снабдувачите истовремено се соочуваат со сопствен недостиг. Европската комисија (Европската влада – н.з.) веќе ја третира сигурноста на храната како посебна стратешка тема и има механизам за следење на ризиците во синџирите на снабдување. Тоа е сигнал што Македонија треба да го сфати пресериозно – образложуваат професорите.

Водата ја одредува храната

– Во македонски услови, најважната врска е вода–земјоделство–храна. Имаме значителен систем за наводнување на хартија, но инфраструктурата е стара и во голем дел е нефункционална. Регионалните анализи исто така покажуваат дека реално наводнуваното земјиште е значително помало од потенцијално опфатеното со системи. Оттука, климатската криза двојно ја погодува Македонија. Прво, преку помалку и понепредвидливи врнежи. Второ, преку фактот дека не ја користиме доволно ефикасно водата што ја имаме – тврдат соговорниците професори, но отвораат и оптимистичко сценарио за кое самите велат дека надлежните забрзано го подготвуваат…

Од ранливост кон предност

– Да се разбереме, ова напред кажаното не мора да биде само песимистичко сценарио. Еве и зошто. Токму кризата во Европа може да биде македонска развојна можност! Ако државата, како што најави, навреме инвестира во наводнување, акумулации, модерни системи за штедење вода, складирање храна, преработувачки капацитети и климатски отпорни сорти, Македонија може да добие нешто многу повредно од таканаречената – самодоволност. Тоа е т.н. стратешка отпорност. Тоа би значело дека дел од европскиот недостиг може да се претвори во македонски извозен потенцијал! Но само ако производството е планирано. Пласманот на храна од сега натаму ќе биде обезбеден, бидејќи ќе има дефицит на храна. Но и водата треба да се третира како национален капитал. Вие во весникот веќе пишувавте неколкупати за специјализирана агенција за храна и земјоделство и таа идеја треба да се разработи – истакнуваат нашите соговорници.

Светската банка веќе предупредува дека македонското управување со водите бара инвестиции и реформи за да стане отпорно на климатските промени. Затоа следните десет години нема да бидат само битка за поголем земјоделски принос. Ќе бидат битка за контрола над ризикот. А во таа битка највредната единица нема да биде хектарот. Ќе биде кубниот метар вода што државата успеала да го зачува, да го складира и паметно да го употреби, образложуваат професорите, кои охрабруваат развојни сценарија на зафати, планови и брза реализација и реструктурирање, бидејќи единствено во што Македонија е во дефицит, како што велат, е – времето, кое во изминатите децении назад е загубено по оваа основа и затоа сѐ што сега се презема треба да се развива со многу поголема брзина. П.Р.