Во синоќешното невреме во Прилепско, проследено со град со големина на орев, погодени се над 1.500 хектари земјоделски површини. Оштетени се насади со тутун, пипер и други култури во Мало и Големо Коњари, како и во неколку населени места од општина Долнени.
Земјоделците велат дека целиот нивен труд за годинава е уништен и бараат помош од државата. Тие посочуваат дека државата нема систем за заштита од вакви невремиња и бараат обештетување.
На терен во Големо Коњари беше и градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, кој истакна дека ќе се формира Комисија за проценка на штетите. Извештајот ќе биде доставен до Владата, која е надлежна за постапување во вакви случаи. Ка.М


































