Прекрасен концерт за кларинет и пијано се одржа во рамките на Унгарската вечер на фестивалот „Охридско лето“, која се организира со поддршка од Амбасадата на Унгарија во Скопје. Во црквата „Света Софија“ настапија младите унгарски уметници со плодни меѓународни кариери, кларинетистката Ноеми Салаи и пијанистката Александра Балог.
Александра Балог се вбројува меѓу највозбудливите пијанисти на нејзината генерација. Таа е добитничка на стипендијата „Фулбрајт“, наградена е со наградата „Прима“ во 2023 година, што е најпрестижна награда за младите уметници во Унгарија, и во 2024 година е вброена на листата „Најдобри 30 под 30 години“ од страна на „Форбс“ во Унгарија. Исто така е победничка на Меѓународниот натпревар за пијанисти „Бела Барток“ во Грац во 2017 година.
– Да се настапи во оваа црква со воодушевувачка историја и неверојатна акустика е навистина фасцинантно. Ноќта ја започнавме со две дела од Роберт Шуман, кои се познати за кларинет, а исто така и за друг инструмент, во случајов пијано. Потоа свиревме унгарска музика. Мојата колешка Ноеми живее во Њујорк, а јас повремено таму, повремено во Европа, така што кога сум во Њујорк многу често настапуваме заедно- изјави младата пијанистка Балог, која оваа концертна сезона настапува во салата „Корто“ во Париз, Палатата на убави уметности во Мексико Сити, како и во Будимпешта, Лондон, Токио, Сингапур, Пекинг и во Шангај.
Александра Балог дипломирала на Кралската музичка академија во Лондон во класата на Иан Фоунтаин (2019), ја поминала тригодишната уметничка програма на Унгарската академија за уметности и се стекнала со уметничка диплома од Универзитетот во Грац во класата на Маркус Шример (2023). Како Фулбрајтова стипендистка, во моментов студира на Музичкиот конзерваториум на Колеџот „Бард“ во класата на Риеко Аизава.
Кларинетистката Ноеми Салаи е родена во Унгарија. Започнува да учи музика на осумгодишна возраст, а кларинет свири од нејзината десетта година. Дипломира на колеџот „Бард“ во САД, а потоа магистрира на „Џулијард“ во Њујорк. Таа е единствена кларинетистка што во периодот 2018-2020 е избрана да биде дел од престижната програма „Ансамбл конект“, која ја организира „Карнеги хол“. Таа е учесничка на повеќе фестивали во Унгарија и во САД и соработува со познати уметници како Чарлс Најдих, Франк Морели и Питер Франкл. Како победничка на натпреварот „Призма“ во 2018 година во Канада, таа добива можност да настапува со Московскиот симфониски оркестар во Русија.