Фото: ДЗС

Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 37 пожари на отворен простор, од кои три се активни, еден е ставен под контрола, а останатите се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), пренесе МИА.

Еден од активните пожари избувнал во Општина Студеничани, каде што гори мешана шума во регионот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер.

Активен е и пожарот во Општина Македонски Брод, во месноста „Видуш“, како и кај селата Драгов Дол и Локвица, каде што гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Третиот активен пожар е на територијата на Општина Прилеп, во близина на селото Чаниште. Според ЦУК, пожарот се движи во два правца – кон селата Зовиќ и Крушевица, а зафатена е ниска вегетација.

Пожарот на депонијата во Делчево, според последните информации до 7:30 часот, е ставен под контрола.

Во текот на деноноќието се изгаснати пожари и во повеќе општини. Два пожари биле регистрирани во Ѓорче Петров, два во регионот на Сарај и два во Штип, додека по три пожари биле изгаснати во Долнени, Кичево и Гостивар.

По еден пожар е регистриран и во општините Аеродром, Арачиново, Могила, Новаци, Радовиш, Струмица и Чашка, како и на територијата на Велес и Зелениково.

Пожари биле изгаснати и во Виница, Кочани, Липково, Кратово, Старо Нагоричане, Ранковце, Брвеница, Тетово и Јегуновце.

Во Општина Јегуновце и Општина Сарај горела и мешана шума. Пожарот првично бил регистриран кај селата Копанце и Туденце во Јегуновце, а потоа се проширил кон селото Бојане во Општина Сарај.