Кон крајот на минатиот месец стигна една вест што, можеби, изгледа како уште една во низата културни соопштенија, но суштински е многу повеќе од тоа. Археолошкиот музеј потпиша договор со здружението за развој на игри „Галактик омнивор“ од Скопје и со проф. Лазе Трипков, проектен лидер и креативен советник, за реализација на првата виртуелна реконструкција на музејски предмети со имерзивно искуство за посетителите.
Во центарот на овој проект е легендарната Голема Мајка од Тумба Маџари. Не како нем сведок зад стаклена витрина, туку како културен артефакт што преку ВР-технологијата повторно добива простор, контекст и приказна. Тоа е важен исчекор. И треба отворено да го поздравиме. Зашто музејот на 21 век не може да биде само простор во кој предметите се чуваат. Музејот мора да биде простор во кој наследството се разбира, се доживува и комуницира со новите генерации. Но токму тука почнува и големото прашање: може ли вистински иновативен музејски пристап да се гради врз институции што со години се борат со основни инфраструктурни проблеми?
Од Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите посочуваат дека дури 90 отсто од музејските установи се во многу лоша состојба. Проблемите се со депоата, инфраструктурата, надлежностите и начинот на управување. Тоа не е само административен проблем. Тоа е проблем на нашата културна меморија. Зашто огромен дел од националното богатство останува надвор од очите на јавноста, складиран во депоа и магацини, наместо да биде дел од живиот културен простор.
А какво богатство имаме!
Од Адам од Говрлево, неолитската антропоморфна фигурина од Церје кај Говрлево, преку керамичките садови и фигурини од Велушка Тумба и Тумба Маџари, до златните маски од Требениште, мермерните скулптури и релјефи од Хераклеја и богатите археолошки наоди од Стоби. Потоа следуваат мозаиците, ранохристијанското и средновековното наследство, Лихнид и Охрид, Самуиловата тврдина, охридските икони, средновековните монети, прстени, оружје и алати. И тука не завршува приказната. Народните носии, филигранскиот накит, ткаениците и килимите, традиционалните музички инструменти – сето тоа се слоеви на една културна меморија, која не смее да остане затворена во депоа. Затоа, современизацијата на музеите не е луксуз. Таа е обврска. Особено во време кога македонската култура, наследство, јазик и историја се предмет на различни надворешни толкувања, притисоци и ревизии. На тоа најдобро се одговара со видливост. Со факти. Со оригинални предмети. Со научно верификувани реконструкции. Со музејски колекции отворени пред јавноста и пред светот. Наместо да се плашиме од новите технологии, треба да ги ставиме во служба на она што го имаме. А имаме нешто што не може да се измисли, ниту да се ретушира: материјални траги од минатото. Технологијата не треба да ја замени историјата. Таа треба да ѝ помогне на историјата да стане видлива. Токму затоа проектот со Големата Мајка е значаен и како симбол. Тој покажува дека археолошкиот предмет може да излезе од витрината и да стане искуство.
Дека научното истражување, прецизното 3Д-скенирање, дигиталниот дизајн и програмирањето можат да се сретнат со археологијата и музеологијата. И дека музејот може да зборува на јазик разбирлив и за генерациите што пораснаа со дигиталниот свет. Тоа е патот што треба да го следат и другите институции. Но за тоа е потребна и сериозна државна политика. Не декларативна поддршка, туку инвестиции во депоа, конзервација, дигитализација, стручни кадри, современи изложбени простори и долгорочни проекти. Финансиите не смеат да бидат изговор кога станува збор за културното наследство. Напротив – тука треба да се инвестира храбро и стратешки. Зашто секој артефакт што го чуваме е дел од една приказна што светот има право да ја види. Македонските музеи не треба повеќе да бидат само чувари на минатото. Тие треба да бидат негови најгласни, најсовремени и најверодостојни раскажувачи. Да излезат од зоната на комфор. Да излезат од депоата. Да излезат пред јавноста.
И конечно, да му покажат на светот што поседуваме. Не со митологизирање. Не со политичко претерување. Туку со наука, технологија и факти. Зашто најсилниот одговор на секоја ревизија на историјата е – самата историја. Онаа што останала во каменот, керамиката, златото, мозаикот, металот, ткаенината и во секој предмет што преживеал илјадници години. Тоа е нашето бесценето наследство. И ако една Голема Мајка може преку виртуелната реалност повторно да проговори пред новите генерации, тогаш нема причина целото наше културно наследство да продолжи да молчи во депоата. Време е да го направиме видливо. Време е да го направиме достапно. Време е македонските музеи да станат места каде што минатото не само што се чува туку и живее. А институциите што го прават тој исчекор заслужуваат поддршка. Зашто во културата најголемата иновација не е технологијата. Најголемата иновација е храброста да ѝ ја покажеш сопствената историја на јавноста – целосно, научно засновано и без ретуширање. Тоа е вистината. И токму затоа вреди да се види.




































