- Во редакцијата на „Нова Македонија“ често знаеме низ нашите колегиуми, разговори, дебати и анализи од јавен интерес, поткрепени со аргументации на добро упатени соговорници од различни области, да антиципираме за развој на настани во македонското општество, последици од случувања во нашата држава, но и надвор. Истражувајќи и анализирајќи, ние потсетуваме на некои клучни домашни настани што некои ги квалификуваат како „историски“, како Преспанскиот договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, па и претходно Охридскиот договор, а тие настани многу повеќе беа национално деноминирачки отколку валоризирачки
- Ние во „Нова Македонија“ и понатаму ќе се обидуваме да гледаме далеку напред пред другите медиуми, разобличувајќи ги неправдите и непринципиелните барања што се испорачани кон граѓаните на државата, но и кон самата Македонија, додека истовремено нудиме темелно претресени и обмислени решенија за најкомплексните прашања од јавен интерес што треба да спречат нови далекосежни негативни општествени последици. Токму со таква намера активно, како медиум, учествуваме во прашањата како што се ултиматумите за уставни измени, со анализирање можни решенија за македонскиот евроинтегративен пат, компаративна опсервација на уставни практики и искуства од други земји, како на пример Хрватска, Словенија и Естонија. И како медиум, во интерес на пошироката домашнајавност, размислуваме за идеи што би можеле да иницираат конкретни зафати што би ги заштитиле државните и националните интереси
Австрискиот писател Роберт Музил пред повеќе од еден век во својот есеј „Немоќна Европа“ нагласил дека ништо не се гледа додека историјата се случува пред вашите очи, односно дека не е можно историјата да се разбере рационално. И можеби е неблагодарно да се толкува историјата во реално време, додека таа се случува. Но, од наша перспектива, во редакцијата на „Нова Македонија“ често знаеме низ нашите колегиуми, разговори, дебати и анализи од јавен интерес, поткрепени со аргументации на добро упатени соговорници од различни области, да антиципираме за развој на настани во македонското општество, последици од случувања во нашата држава, но и надвор. Истражувајќи и анализирајќи, ние потсетуваме на некои клучни домашни настани што некои ги квалификуваат како „историски“, како Преспанскиот договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, па и претходно Охридскиот договор, а тие настани многу повеќе беа национално деноминирачки, отколку валоризирачки.
Највпечатлив пример во полза на ваквото тврдење претставува Преспанскиот договор, кој во осумте години од неговото потпишување аргументирано и стручно го оспоривме до најситни детали, распарчувајќи го како да поминал низ резач за хартија. Од него произлегоа голем број негативни појави, почнувајќи од наметнатите еднострани обврски што го негираат македонскиот идентитет, кои подоцна создадоа основа и за слични непринципиелни барања од страна на Бугарија кон Македонија.
Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија беа потпишани со цел да се надминат долгогодишни политички спорови и да се забрза евроатлантската интеграција на Македонија, но истовремено отворија нови билатерални прашања што продолжуваат да ги кочат развојот на Македонија и нејзината европска перспектива. Наместо да придонесат кон надминување на разликите, двете спогодби ги претворија историските и идентитетските теми во предмет на нови политички спорови.
А поврзаноста меѓу двата договора се согледува во тоа што направија билатералните односи да станат можеби и клучен фактор во процесот на пристапување на Македонија кон Европската Унија. И наместо критериумите за членство да се засноваат исклучиво на реформите, билатералните прашања добија влијание врз македонските евроинтеграции, правејќи го трнлив патот кон ЕУ. Ова создаде впечаток дека решавањето на споровите со соседите е постојан услов што го оневозможува понатамошниот напредок на земјава.
Последиците се чувствуваат и деновиве, ширејќи се како уште една неподнослива тешкотија во летните горештини, додека на политичката сцена се разменуваат тешки обвинувања поврзани со процесот на евроинтеграции и прашањето за уставните измени.
Ние и понатаму ќе се обидеме да гледаме далеку напред пред другите медиуми, разобличувајќи ги неправдите и непринципиелните барања што се испорачани кон Македонија, додека истовремено нудиме темелно претресени и обмислени решенија за најкомплексните прашања од јавен интерес што треба да спречат нови далекосежни негативни општествени последици.
Токму со таква намера активно, како медиум, учествуваме во прашањата како што се предизвиците за уставни измени, со анализирање можни решенија за македонскиот евроинтегративен пат, компаративна опсервација на уставни практики и искуства од други земји, како на пример Хрватска, Словенија и Естонија. И како медиум, во интерес на пошироката домашна јавност, размислуваме за идеи што би можеле да иницираат конкретни зафати што би ги заштитиле државните и националните интереси.
Треба да се истакне и дека Музил пророчки предвидел и дека неспособноста на Европа за спојување на „душата и интелектот“, односно на вредностите и етиката со науката, техниката и бирократијата, ќе го претвори Стариот Континент во „плен“ на големите сили и дека ќе ја лиши Европа од способноста сама да одлучува за својата судбина. Не е далеку од сегашната состојба, додека ЕУ се мачи да ги спроведува и темелните принципи на кои е заснована, а камоли новите политики со кои има намера да биде влијателна во светски рамки.
































