Нема лоши кучиња, има само лоши луѓе

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (29)

Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците

По секој тежок напад од куче, како по команда почнуваат истите реченици. „Нема лоши кучиња, има само лоши луѓе.“ „Фрли му парче леб и нема да те нападне.“ „Кучињата препознаваат лоши луѓе.“ Луѓето се делат на два табора, социјалните мрежи зовриваат, а најважното прашање повторно останува без одговор – што навистина се случило и како да не се повтори?
Не верувам во пароли. Верувам во факти. Прво, да расчистиме една заблуда. Кучето не размислува како човек. Тоа не знае што е злосторство, што е трагедија, што е јавен скандал. Кога ќе нападне, па дури и кога ќе усмрти друго животно или човек, тоа не чувствува вина во човечка смисла. Не седнува да размислува што направило. Не се кае. За него тоа е реакција на ситуација што во тој момент ја проценило според своите инстинкти, искуства и научени модели на однесување. Затоа често гледаме куче што по тежок напад, неколку минути подоцна повторно мирно лежи или рутински се движи без никаков знак на возбуда. Не затоа што е сурово, туку затоа што неговиот мозок не функционира како нашиот.
Токму затоа е опасно кога на кучето му припишуваме човечки емоции. Велиме дека „знае кој е добар човек“, дека „нападнало затоа што почувствувало зло“, дека „ако му дадеш парче леб, нема да те касне“. Звучи пропагандистички, а науката не само што не ги потврдува паролите на емотивните популисти туку целосно ги оспорува. Ако кучињата навистина ги препознаваа „лошите луѓе“, тогаш џогерите, велосипедистите, децата со тротинети, лицата со инвалидитет, со чадор или пак оние што пребаруваат по контејнери ќе беа најлошите луѓе во Македонија. А тие се меѓу категориите што најчесто се изложени на ризик од напад, не поради својот карактер, туку поради движењето, изгледот, предметите што ги користат или ситуациите во кои се наоѓаат. Кучето реагира на стимул, а не на морал.
Втората голема заблуда е дека најопасни се непознатите кучиња, без разлика дали се миленички или пак улични. И тоа не е точно. Истражувањата покажуваат дека токму најголем дел од тешките напади врз деца ги извршуваат миленички или улични кучиња што детето веќе ги познава.

Фото: Пиксабеј

Во една голема студија Алисон Е. Кеј, Џесика М. Белц и Ричард Е. Киршнер, „Повреди од каснување од кучиња кај деца: петгодишна анализа на искуствата во Детската болница во Филаделфија“, објавена во списанието „Пластична и реконструктивна хирургија“, се анализирани 551 случај на каснувања кај деца и е покажано дека речиси 90 проценти од нападите биле од познато куче, а повеќе од половина биле токму од семејниот миленик. Во студијата на Барбара А. Бернардо и соработниците, „Каснувања од кучиња кај деца третирани во педијатриско одделение за итна помош“, објавена во списанието „Американски журнал за болести кај децата“, е утврдено дека 70 проценти од каснувањата кај децата не се предизвикани од непознати кучиња, туку од кучиња што детето веќе ги познава – семејни кучиња, како и кучиња на соседи, роднини или пријатели, што покажува дека довербата во кучето без правилна едукација и надзор може да создаде лажно чувство на сигурност. Тоа целосно ја руши тезата дека опасноста секогаш доаѓа од „нечие туѓо или улично куче“.
Во Центарот за благосостојба „Туту“ секојдневно гледам колку е огромна разликата меѓу куче што од вториот месец е правилно социјализирано и куче што никогаш не научило да живее со луѓе и со современата средина. Социјализацијата не значи само кучето да биде „друштвено“. Тоа значи да научи дека дете што трча не е плен, велосипед не е закана, друго куче не е непријател, а човек што му се приближува не мора да биде опасност. Тоа не се случува само од себе. Тоа е процес што почнува уште кога е мало кученце и трае со месеци.
И тука доаѓаме до суштината. Колку кучето е поголемо, посилно и со поизразени заштитнички, територијални или ловечки инстинкти, толку е поголема одговорноста на човекот. Не затоа што тоа куче однапред е опасно, туку затоа што ако сопственикот направи грешка, последиците може да бидат многу потешки. Токму затоа таквите кучиња бараат повеќе знаење, повеќе контрола, повеќе дресура и многу повеќе социјализација. Затоа не можам да се согласам со реченицата дека постојат само лоши луѓе. Да, неодговорниот човек е најчесто почетокот на проблемот. Но ако знаеме дека кучето има свои инстинкти, свои реакции и свои ограничувања, тогаш наша обврска е да го држиме под контрола. Да го воспитаме. Да го социјализираме. Да го процениме. И ако е потребно, да побараме стручна помош уште при првите знаци на проблем. Да престанеме да бараме утеха во пароли. Ниту едно куче не станало побезбедно затоа што некој напишал статус на Фејсбук. Побезбедно станува само кога ќе добие одговорен сопственик, правилно воспитување и јасни граници.

Кучињата не се проблем самите по себе. Неконтролираните кучиња се проблем. Човечката контрола при буквално секоја интеракција и буквално секое куче мора да е постојана во секоја секунда. Човекот мора да го контролира секој свој гест, секоја промена во говорот на телото на животното, секој звук од околината, секое наближување на нова интеракција и ситуација. Дури и кога го шетаме сопственото куче на поводник, со едното око гледаме во него – во неговиот говор на телото, заинтересираноста, промената на позицијата, каде застанува и што душка. Гледаме дали има расфрлана храна по улица, дупка во која може да се повреди, трн, боцка, стакло или нешто друго што може да му наштети. Со другото око ја следиме околината – кој ни се приближува, каков е сообраќајот, дали има други кучиња, мачка, деца, велосипеди или нешто што може да ја промени ситуацијата.
Тоа не значи дека се плашиме од нашето куче. Тоа значи дека го познаваме. Одговорниот сопственик не верува дека „моето куче никогаш не би направило ништо“, туку знае дека секое куче има инстинкти, реакции и граници. Љубовта кон кучето не е само грижа и хранење – љубовта е и контрола, разбирање и одговорност.
Човекот што ќе одлучи да живее со куче, особено со големо, физички моќно и карактерно силно куче, не добива само право да ужива во неговата лојалност. Добива и обврска да ја заштити околината од последиците на секоја своја грешка. Токму тука почнува вистинската љубов кон кучето – не во романтичните пароли, туку во одговорноста. Јас не верувам во пароли. Верувам во превенција. Верувам во наука. И верувам дека првиот чекор кон решавање на секој проблем е да признаеме дека тој воопшто постои. Додека повторуваме дека опасни кучиња не постојат, опасните ситуации ќе продолжат да постојат. И цената, како и секогаш, нема да ја платат тие што пишуваат емотивно-популистички статуси на интернет, туку случајните луѓе што едноставно се нашле на погрешно место во погрешно време.

Илија Петковски