„Охридско лето“
Во преполното предворје на црквата „Света Софија“, светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ приредија незаборавна музичка вечер, која ја обележија врвни интерпретации, силни емоции и извонредна атмосфера. Концертот се одржа во рамките на програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Сцената, внимателно уредена и осветлена со стотици свеќи, создаде посебен амбиент, кој совршено ја дополни музичката програма и на публиката ѝ понуди несекојдневно аудиовизуелно доживување.
На програмата беа изведени „Серенада за гудачи“ оп. 48 од Петар Илич Чајковски, „Возлет на чучулигата“ од Ралф Вон Вилијамс, „Интродукција и рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс, како и виртуозната „Кармен фантазија“ оп. 25 од Пабло де Сарасате, едно од најсложените и највпечатливи дела во виолинската литература, кое бара исклучителна техничка подготвеност и уметничка зрелост. Под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, Миленковиќ уште еднаш ја потврди својата репутација на еден од најистакнатите виолинисти на денешницата. Со сигурност, прецизност и длабока музикалност тој ја воодушеви фестивалската публика, која со долги аплаузи и овации ја наградуваше секоја негова изведба.
– Секогаш со големо задоволство настапувам со „Профундис“. Тоа е оркестар со извонреден квалитет, но пред сè со исклучителна енергија, карактер и ентузијазам. Секогаш сум среќен кога повторно доаѓам на „Охридско лето“. Овој фестивал има посебно место во моето срце, а охридската публика секогаш ме пречекува со голема топлина и љубов. Вистинско задоволство е повторно да се биде дел од оваа прекрасна фестивалска атмосфера – вели Миленковиќ.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година и во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти од повеќе различни генерации. Идејата е да се создаде висококвалитетен професионален ансамбл, кој ќе поставува праизведби на дела од современи автори од класичната музика, да биде во функција на македонските автори, да носи светски имиња и да ги поместува границите на креативноста.
































