Фото: „Нова Македонија“

54. МЕЃУНАРОДЕН РАКОМЕТЕН ТУРНИР „СТРУГА 2026“

  • Многупати сум кажал дека Владата на Македонија и Министерството за спорт, сите ние, секогаш ќе застануваме зад клубовите, федерациите, поединците што продуцираат успех, нешто што значи историја, традиција, рече на прес-конференцијата пред овој турнир министерот за спорт Борко Ристовски

Градот Струга повторно ќе биде центарот на македонскиот ракомет. Од 12 до 15 август (од среда до сабота) на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ ќе се одржи 54. издание на меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“, кој го носи името „Вангел Баљуковски-Баљу“ во чест на поранешниот истакнат играч на струшкиот клуб. На турнирот ќе настапат шест екипи поделени во две групи, од кои пет македонски и една екипа од странство, поточно Дубочица од Лесковац (Србија), кои ќе се борат за престижниот трофеј, кој досега најмногу пати (14) го кренал Вардар. Екипите се поделени во две групи. Во групата А се актуелниот македонски првак Вардар, Бутел Скопје и Прилеп, додека во групата Б се организаторот Струга, бранителот на трофејот Охрид и Дубочица. Екипата на домаќинот Струга само еднаш го освоила првото место на турнирот, и тоа во 1990 година. Струшкиот турнир, кој со години е важен дел од подготовките за новата сезона, и овој пат ветува возбудлив и квалитетен ракомет, беше речено на вчерашниот прес, кој се одржа во Скопје.
– Струшкиот турнир е турнир со најдолга ракометна традиција кај нас и еден од најпрепознатливите во регионот, кој оформил многу големи играчки виртуози, тренери, легенди што испишале дел од европската и светската ракометна историја. Тој е симбол на традицијата, квалитетот и иднината на македонскиот ракомет. Верувам дека пред нас се натпревари полни со борбен ракомет, спортски дух и моменти што долго ќе се паметат. Благодарност до Владата на Македонија, Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски, кои го прифатија покровителството на овој турнир. Благодарност и до сите клубови што ја прифатија поканата да настапат годинава, до спонзорите, волонтерите… Ги повикувам сите медиуми, пријатели на ракометот и љубители на овој спорт да бидат дел од оваа годинашна приказна – рече на вчерашниот прес спортскиот директор на РК Струга и претседател на Организацискиот одбор на струшкиот турнир, Милчо Чакарески.

Од името на Владата на Македонија, турнирот го поздрави и министерот за спорт Борко Ристовски
– Многупати сум кажал дека Владата на Македонија и Министерството за спорт, сите ние, секогаш ќе застануваме зад клубовите, федерациите, поединците што продуцираат успех, нешто што значи историја, традиција. А струшкиот турнир претставува историја на спортот, на градот Струга, историја на Македонија, промоција на нешто што значи љубење на спортот, на својата татковина, на градот Струга. Новиот организациски одбор на Струга се луѓе што се сериозни, кои навистина вложија многу напори за да се одржи овој турнир. Струга отсекогаш била расадник на таленти во ракометот – изјави меѓу другото министерот за спорт Ристовски.
Своја подршка на турнирот даде и генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Влатко Тасевски.
– Честитки до новата управа на Струга и брзата реакција да може да го организираат овој турнир. Ние како РФМ секогаш се трудиме да им излеземе во пресрет на сите клубови, со цел промоција на ракометот. Струшкиот турнир е одлична приказна, на отворено, каде што може да се игра ракомет и да се ужива. Се надевам дека и оваа година ќе имаме добра организација. Се надевам дека успешно ќе помине и овој турнир и ќе продолжи во наредните години – рече Тасевски. Г.И.


Распоред на натпревари

12 август
Вардар – Прилеп (18.30 ч.), Свечено отворање (20), Струга – Охрид (21.15)
13 август
Прилеп – Бутел Скопје (18.30), Охрид – Дубочица (20.30).
14 август
Струга – Дубочица Лесковац (18.30), Бутел Скопје – Вардар (20.30)
15 август
За петто место (10), за трето место (18.30), финале (20.30)