ЏУДО – ДЕНЕСКА И УТРЕ ВО СКОПЈЕ ЕВРОПСКИ ЈУНИОРСКИ КУП
- Македонија по четврти пат во низа е домаќин на оваа значајна спортска манифестација! Патувањето продолжува и годинава, со несмален
интензитет и учество на 346 џудисти од 34 држави, од кои 15 се македонски претставници
Едни домаќини создаваат историја, други создаваат наследство. Скопје ги направи и двете. Летото 2025 година означи извонредно поглавје за џудото во Македонија, бидејќи главниот град успешно пречека некои од најголемите настани во европскиот календар за првпат, вклучувајќи ги Европското првенство (ЕП) за кадети и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ). Исклучителните организациски стандарди не останаа незабележани, а Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) ја доби престижната награда од Европската џудо-унија (ЕЏУ) за најдобар европски организатор за 2025 година.
Сепак, минатата година не беше еднократна успешна приказна. Македонија по четврти пат во низа е домаќин на оваа значајна спортска манифестација! Патувањето продолжува и годинава, со несмален интензитет и учество на 346 џудисти од 34 држави, од кои 15 се македонски претставници (од кои пет џудистки), предводени од селекторот на јуниорите Александар Фузевски, а ќе му помага тренерот Ѓорѓија Стојанов, во координација со спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски. Сите тие млади џудисти ќе ги одмерат силите во настојувањето да стигнат до што повисок пласман и да освојат вредни бодови на европската џудо-сцена.
– Ова лето Скопје повторно ги отвора вратите за европското џудо- семејство со организацијата на Европскиот јуниорски куп во Скопје, кој ќе се одржи денеска и утре (сабота и недела), а потоа следува и Јуниорскиот тренинг-камп на ЕЏУ од 10 до 12 август (понеделник, вторник и среда). Со млади таленти од целиот континент, кои се подготвуваат да се соберат во градот, подготвено е да се напише уште едно незаборавно поглавје. А, потоа, следува и Европскиот сениорски куп годинава (19-20 септември) исто така во Скопје – пишува ЕЏУ.
Претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, во таа пригода се осврна на извонредниот напредок на овој динамичен спорт:
– Џудото се развиваше во одлична насока во текот на изминатата година, следејќи го патот кон кој се стремиме со години. Членството постојано расте, а јавната свест за придобивките од џудото се зголемува. Генерално, џудото станува еден од најпопуларните спортови во Македонија. Работиме напорно за да го одржиме овој позитивен моментум и дополнително да ја издигнеме свеста кај младите за вредностите и убавината на џудото. Постигнат е значителен напредок, а вниманието на медиумите кон џудото е значително поголемо отколку што беше во претходните години – истакна меѓу другото Трпаноски, кој беше прогласен од страна на ЕЏУ за „херој на годината“, како симбол на лидерство, визија и исклучителен придонес во развојот и промоцијата на европското џудо, пишува ЕЏУ.
Свеченото отворање на Европскиот јуниорски куп е денеска во 16 часот, додека прелиминарните борби и денеска и утре почнуваат во 9.30 часот, а финалните борби денеска се од 16.30 часот и утре по завршувањето на прелиминарните дуели.
– Резервирајте ги вашите билети и видете го овој скриен бисер, додека стекнувате вредно искуство. Патувајте до Скопје и комбинирајте го вредното искуство во џудото со можноста да откриете град полн со карактер и историја – порачуваат од ЕЏУ. Г.И.
































