Фото: КФМ

КОШАРКАРИТЕ СО ПОБЕДА ГО ПОЧНАА ЕП ЗА КАДЕТИ

  • Македонија го совлада Кипар со 82-63, прикажувајќи квалитетна игра во најголемиот дел од мечот, кој се одигра во Гевгелија

Машката кадетска репрезентација на Македонија (до 16 години) со убедлива победа го започна учеството на Европското првенство (ЕП) за кадети во кошарка, дивизија Б, кое се одржува во Гевгелија и Скопје. Избраниците на селекторот Дејан Стојановски го совладаа Кипар со 82-63 (28-19, 17-14, 23-14, 14-16), прикажувајќи квалитетна игра во најголемиот дел од мечот, кој се одигра во Гевгелија. Во преостанатите два меча од оваа група, Хрватска убедливо ја совлада Швајцарија (101-47), додека Исланд беше подобар од Украина (88-77).
– Добар прв чекор. Задоволен сум од енергијата што ја покажаа момците против Кипар. Токму тоа сакавме да го видат и нашите навивачи. Воодушевен сум од поддршката од трибините и се надевам дека и на вториот меч ќе имаме уште поголема публика. Секако, има работи што мора да ги поправиме. Имавме премногу загубени топки и тоа не смее да ни се повторува. Против ваков противник, во одредени моменти требаше да играме помирно и пострпливо. Но ова се млади момци, атмосферата ги понесе и тоа е разбирливо – изјави селекторот Стојановски по триумфот над Кипар.
Во македонските редови доминираа Дион Шабани со дабл-дабл ефект, 37 коша и десет скока, Александар Зунзуровски со 23 коша, четири скока и две асистенции и Михаил Анѓеловски, кој впиша осум коша, седум скока и 10 асистенции. Кадетите вчера беа пред нов предизвик, во рамките на второто коло од групата Б, во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, играа против Исланд. Селекциите на ова ЕП се поделени во четири групи, од кои четирите победници во четврт-финалето обезбедуваат пласман во полуфиналето, а поразените ќе разигруваат за пласман од петтото до осмото место итн. Г.И.