Додека напуштеното земјоделско земјиште гори низ Европа, добитокот и неговиот апетит би можеле да бидат клучни за превенција од
пожари. Иако решението е нискотехнолошко, сепак не е евтино, бидејќи егзистенцијата на сточарите честопати зависи од владини субвенции. А уште поголема пречка, велат експертите за контрола на пожари, е акцентот што политичарите го ставаат на гаснењето пожари, наместо да инвестираат во превенција
Пожарникарите во Франција и во Шпанија прават напори за да најдат доволно авиони за гаснење на разорните пожари, а спречувањето на идните пожари може да зависи од наоѓањето доволно кози. Идејата за користење животни што пасат за да се создадат противпожарни зони во овој регион добива на популарност како сериозно решение, официјално одобрено годинава од Европската комисија и од врвното лоби на земјоделците. Истражувачите го сметаат брстењето грмушки од страна на добитокот како мерка за ограничување на ширењето на пожарите во шпанските региони Екстремадура, Андалузија и Валенсија.
Иако решението е нискотехнолошко, сепак не е евтино, бидејќи егзистенцијата на сточарите честопати зависи од владини субвенции. А уште поголема пречка, велат експертите за контрола на пожари, е акцентот на политичарите на гаснењето пожари, наместо да инвестираат во превенција.
– На истиот начин како што ја разбираме потребата од финансирање на пожарникарите, треба да ја препознаеме и работата што ја вршат овчарите – рече Жорди Вендрел, кој ја води Фондацијата „Пау Коста“, непрофитна организација во Шпанија што го проучува управувањето со шумски пожари.
Додека пожарите го загрозуваат француски Бордо, тамошните земјоделци помагаат заедно со пожарникарите, полнејќи ги своите резервоари за кашеста маса со вода за да интервенираат каде што можат. Сепак, недостигот од земјоделци е дел од проблемот.
Напуштеното земјоделско земјиште е преполно со грмушки, кои се сушат или се заменуваат со ранливи, хомогени шуми што лесно горат. Сателитската опсерваторија на европската вселенска програма „Коперник“ потврди дека најголемите пожари што моментално ја пустошат Европа навистина се случуваат во области каде што шумите и грмушестите површини формираат големи поврзани пејзажи.
Сепак, иако има мноштво природна храна за кози, пазарот не нуди значителен стимул за овчарите. Хозе Марија Кастиља од шпанското земјоделско лоби АСАЈА рече дека привлекувањето на младите луѓе за одгледување кози е невозможно без да се направи профитабилно. Решението, како што тврди тој, е создавање наменски фонд, следејќи ја истата логика како одговорот на ЕУ на пандемијата на ковид-19 во 2020 година.
– Некои луѓе велат дека земјоделците што живеат покрај границите со Русија треба да добијат повеќе пари, бидејќи тие се првата линија на одбрана – рече Кастиља.
Првата линија на одбрана што ја нудат овчарите, според него, „е сосема иста работа“.
Пасење за добра намена
Финансиерите го прифаќаат проектот „Огнени јата“ на Каталонија како потенцијална приказна за успех, комбинирајќи ја превенцијата од пожари со комерцијално земјоделство. Исто така финансиран од локалната самоуправа со користење земјоделски средства од ЕУ, во рамките на овој проект, сточарите на кози и овци ги распоредуваат своите животни да пасат во специфични шуми со висок ризик дефинирани од регионалната организација за противпожарна заштита. А во локалните продавници, земјоделците ги продаваат нивното сирење и јогурти со посебна етикета за да им кажат на купувачите за нивната благородна кауза. Различни региони во Шпанија користат кози, овци, крави или дури и коњи за да ја завршат работата. Во Кусо постои двомесечна листа на чекање за купување месо од крави што се користат за слична намена, по цена од 10 евра за килограм.
Субвенциите не се потребни за да се поддржи непроверена идеја, туку за да се врати еден минат начин на живот.
– Шумите и другите рурални области порано се управуваа како дел од економските активности што денес едноставно не се профитабилни. Значи, нема вистински стимулации за нивно одржување – рече Вендрел од Фондацијата „Пау Коста“.
Комисијата го издвои пасењето како начин на кој животните од фармите можат да им помогнат на општествата да се приспособат на климатските промени, наместо едноставно да бидат извор на загадување. Во мартовската комуникација за спречување пожари, таа посочи на пасењето како дел од решението и ја повтори поддршката во новата стратегија за европскиот добиток.
Сепак, поддржувачите се жалат дека Брисел направил малку за всушност да ја спроведе практиката. Минатата година голем број експерти од Научниот советодавен совет на Европските академии ја критикуваа ЕУ за „преголем фокус на сузбивање пожари и итен одговор“ наместо системски решенија за преобразување на пејзажот склон кон пожари. Групата објави збир препораки за пожари во природа, со пасењето на добитокот како една од централните алатки што „се покажаа како ефикасни во намалувањето на големината и сериозноста на пожарите“.
– Буџетот на ЕУ за земјоделство поддржува низа пристапи за управување со пожари – изјави портпаролката на Комисијата, Луиз Боги, вклучувајќи пасење на добиток, меѓу другите мерки како што се шумските патишта, кои исто така служат како противпожарни појаси.
Боги додаде дека во следната итерација на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, која се применува од 2028 година, Комисијата сака да види „транзициска исплата“ за земјоделците што би можела да се користи за оваа намена за поддршка на преминот кон овчарство. ЕУ исто така работи на финансиска шема со Европската инвестициска банка за инвестиции во сточарскиот сектор.
Ќе бидат потребни многу кози
Во Мадрид, еден од регионите што се најтешко погодени од пожарите, локалната самоуправа исто така се фокусира на пасењето на добитокот како превенција од пожари. Локалните фарми ќе распоредат животни во пошумена површина од 3.700 хектари, објавија претходно годинава, во мерка што ја чинеше владата 800.000 евра. Но сегашните пожари опустошија 27.000 хектари само во овој регион.
Џо Мекнортон, кој ги проучува пожарите во реално време во опсерваторијата „Коперник“, ги поддржува иницијативите за пасење. Сепак, тие можеби нема да бидат доволни во екстремни ситуации.
– Под тешки услови, фактори како што се силните ветрови можат да пренесат запалени жарчиња пред главниот фронт на пожарот. дозволувајќи им на пожарите да ги преминат празнините – објаснува Мекнортон.
Според Урбано Фра Палео од Универзитетот „Екстремадура“, пасењето не треба да биде единственото решение, но исто така нема начин да се избегне тоа. Без пасењето, ниската вегетација само ќе продолжи да се расте, смета тој.
– Носителите на одлуки не го разбираат тоа. Тие само размислуваат за справување со пожарот кога ќе се случи, но не размислуваат за управување со пејзажот – заклучува Фра Палео.
































