ДОБИТНИК НА СВЕТСКАТА НАГРАДА НА ХУМАНИЗМОТ 2026

Утре, на 9 август 2026 година, во Охрид – Светиот Град
Се одбележува единствен меѓународен јубилеј:
Дваесетгодишнината од доделувањето на оваа награда,
Која го возвеличува и чествува името на Свети Климент Охридски
на сите меридијани, Токму на празникот што го носи неговото име.
Со овој чин, Охрид за целата светска цивилизација
Веќе го носи престижното признание
– Центар на светскиот хуманизам.
Претседателот на Европската академија на науките,
Kнижевностите и уметностите,
Жан-Патрик Конрад, професор на Империјал колеџ во Лондон,
Во угледниот париски „Монд“ и во голем број светски медиуми
го постави капиталното прашање:
„Можеме дури и да се запрашаме зошто требаше толку
долго да се чека
За воспоставување на оваа меѓународна награда на хуманизмот
На светската интелектуална сцена.
Толку е очигледно дека таа е насушно потребна,
Дури и повеќе од потребна, што моравме да се вратиме
Кон самите извори на хуманизмот во малиот македонски
град Охрид
За да се создаде оваа светска награда.
И покрај сите големи дискурси што со векови се водат н
а оваа тема,
Тие премногу често остануваат мртво слово на хартија.
Навистина, сите ние, насекаде низ светот,
Сме исправени пред огромниот пресврт што
Треба да го направиме во името на хуманизмот,
За да им ја вратиме вредноста на националните култури
И духовните идентитети, кои повторно ќе му ги вратат сјајот
И вистинското значење на интернационалниот хуманизам.“
Почитуван Кристоф Бенедиктер,
Вие денес сте меѓу нас, а со Вас се и Виена и Австрија,
Зашто врските меѓу нашите народи се вековни.
Ќе споменам само еден настан од 1741 година,
кога нашиот дојранец Христофор Жефаровиќ,
Заедно со виенскиот уметник Томас Месмер,
Ја објавија прочуената „Стематографија“ – бакрорезна книга
Во која се објавени грбот на Македонија
И дваесет и четворица јужнословенски светители,
Меѓу кои Свети Методиј Солунски, Свети Климент
и Свети Наум Охридски.
Таа духовна вертикала денес Ви посакува добредојде,
Како што им посакувала на сите што стоеле на ова место пред Вас.
Бидејќи го одбележуваме дваесетгодишниот јубилеј,
Ќе ги споменеме и сите претходни добитници,
Кои денес се со Вас како живи врски меѓу
Охридската школа на хуманизмот и светот.
Светската награда на хуманизмот
Се создаде со македонско-јапонската духовна конекција
Пред 5.000 присутни на Универзитетот во Токио
Од Духовниот трезор на Охрид во рацете на Даисаку Икеда
И никогаш во историјата Јапонија не пишувала
Толку многу за Македонија.

Потоа се створи македонско-португалската духовна конекција
Со легендата на португалскиот филм Мануел де Оливеира
На неговиот стоти роденден.
Третата година се отвори македонско-руската конекција
Со рускиот нобеловец Александр Солженицин
И се здоби со високо интернационално реноме.
Потоа следуваше македонско-индиската конекција
со Рави Шанкар
Што нѐ потсети дека музиката е единствената уметност
Која го буди во нас органот наречен фантазија.
Потоа следуваше легендата на светскиот театар Питер Брук и
Македонско-француско-англиската конекција беше овенчана
Со неговото прогласување во Охридскиот амфитеатар
Потоа се случи македонско-српската конекција
Со духот на Вида Огњеновиќ, која во хуманизмот
го гледа спасот на светот
А веднаш потоа нобеловката Херта Милер ја
инаугурира македонско-германската духовна конекција
Македонско-бугарската конекција беше остварена преку
Светлин Русев во 2014 и
Неговиот Божји дар се претвори во постамент
Следуваше потоа доаѓањето на славниот Џон Ралстон-Сол
И македонско-канадската конекција,
Македонско-хрватската конекција низ
Мистеријата на вечно живата Глаголица
Беше остварена низ неповторливиот македонист
Дарко Гашпаровиќ
Потоа следуваше македонско-чешката конекција
со Јиржи Свобода
Кој покажа зошто се гореле на клада во Европа
духовните слободи
По него се појави македонско-англиско-француската
конекција со
Жан-Патрик Конрад од Империјал колеџ од Лондон
За да продолжи со Романо Проди
Македонско-италијанската конекција и да ги истовети
Првиот словенски универзитет во Охрид и Универзитетот
во Болоња
И неговата хуманистичка визија за Обединета Европа
Со секогаш отворена поддршка за Македонија.
За првпат македонско-македонската конекција се оствари
Со прогласувањето на бесмртниот академик Георги Старделов,
Оратор и есеист од светско значење.
Македонско-босанската вечна поврзаност се оствари со
Името на филозофот Абдулах Шарчевиќ
Чиј дух живее по меридијаните
Македонско-американската конекција беше громогласен чин
Со Виктор Фридман, светски лингвист и македонист
за вечни времиња.
Македонско-словачката конекција се оствари
со словачкиот добитник Далимир Хајко и поврзувањето на
Св. Методиј како прв словенски епископ во Нитра.
Принцот Никола Петровиќ-Његош беше следниот добитник
Како круна на илјадагодишните врски меѓу Македонија
и Црна Гора.

Минатата година професорката Светлана Мојсов
Како македонско-американски врв во научните сфери
на медицината
Беше незаборавен миг на хуманизмот.
Почитуван Кристоф Бенедиктер,
Вие сте дваесеттиот добитник на Светската награда на
хуманизмот.
Со тоа ја олицетворувате македонско-австриската духовна врска,
Зашто низ целиот Ваш историски, истражувачки и
хуманистички ангажман
Како да Ве водела мислата на Свети Климент Охридски:
„Со просветение кон спасение“.
Повеќе од три децении работевте на големиот проект
Посветен на Леополд Форстнер, современик на Густав Климт,
И на неговата одисеја за време на Првата светска војна,
Кога со своите дела и со своите етнолошки и
етнографски збирки
Ја овековечи Македонија и земјите на Балканот
како дел од европската меморија.
Заедно со нашата еминентна пијанистка Елена Мисиркова,
Која денес нè гледа од небесните височини
И чии прсти треперат во Ваша чест свирејќи го Моцарт,
Вие уште во 2013 година организиравте изложба на Форстнер
Во Битола, Скопје и Охрид.
Тоа беше вистинско откритие за Европа.
Подоцна, во австрискиот град Линц,
Бевте главен иницијатор за основањето на Музејот на Форстнер,
На чие отворање присуствувавме и ние
Како македонска делегација на хуманизмот.
Нашиот Универзитет „Еуропа Прима“ реализираше
документарен филм за тој
Неповторлив настан, прикажан на
Фестивалот SEE Paris–Berlin–Washington.
Токму со Вашето присуство денес, како Laureatus Humanitatis,
Пред нашите очи минуваат сите македонски идеалисти
Кои во Виена и нејзината вечност ја гледале
Можноста за остварување на својот национален сон
Во „европската пролет на народите“.
Спроти Куќата на Уранија се наоѓа и
Куќата на славното семејство Робевци, кое тргувало со Виена,
Заедно со многу други семејства од македонските градови.
Денес, во Ваша чест, ќе го споменеме и Константин Бели,
Охриѓанец по потекло, кој бил прогласен за барон
И бил современик на Моцарт.
Непосредно пред смртта на големиот композитор,
Од Охрид преку Лисабон пристигнала неговата внука
Ефимија Бели,
Која пред Амадеус испеала неколку бесмртни охридски песни.
Тие денес го наоѓаат своето место во операта
„Интернационална музичка револуција“,
Што во овој миг ја создава македонскиот композитор
Панде Шахов во Лондон.
Вашиот триесетгодишен интерес и посветеност кон
Македонија одекнуваат и денес,
А ние тоа го чувствуваме како наше духовно богатство.
Во Виена, веднаш по Првата светска војна,
Излегувале весниците „Балканска федерација“,
Чиј главен уредник бил Димитар Влахов,
и „Македонско сознание“,
Во кое еден од своите последни текстови го објавил
Големиот лингвистички визионер Крсте Мисирков.
Сакам да споменам уште еден миг од Вашата поврзаност
со Македонија,
Особено значаен за сегашниот миг на нашата сложена одисеја
Во чекалницата на Европската Унија.
Имено, во 2014 година, кога канцеларката Ангела Меркел,
Во рамките на Берлинскиот процес,
Во Виена го организираше Самитот на земјите кандидати,
А ние двајцата учествувавме на интелектуалниот собир
на слободни духови,
Решивме заедно да објавиме текст во
Престижниот виенски дневен весник „Стандард“.

Во него го поставивме прашањето:
Зошто толку долго Македонија е понижувана,
Кога со сета своја историска и современа реалност
Одамна заслужува да биде рамноправна членка на
европското семејство?
Почитуван Кристоф Бенедиктер,
Ве прогласуваме за дваесетти добитник на Светската награда
на хуманизмот
И Ве повикуваме да се чувствувате во Охрид како Барон
на хуманизмот.
Независно од тоа што по планетата беснеат војни, геноциди
и нуклеарни закани,
Ние ќе продолжиме да веруваме, како Свети Климент, дека:
„Со просветение светот ќе го најде своето спасение.“

Јордан Плевнеш,
Охрид, 9 август 2026 година,
Празник на Свети Климент Летен