Словенечката лекција што и Македонија треба да ја усвои
- Новите измени што ги предлага Министерство за внатрешни работи се во врска со Законот за странци и се однесуваат на познавањето на
службениот јазик на државата. Имено, и според сегашната словенечка и европска легислатива странците што сакаат да живеат и работат во Словенија мора да го знаат словенечкиот јазик, затоа што непознавањето на јазикот ќе им го отежни интегрирањето
Во Словенија никому не му паѓа на ум да спори по прашањето дека доброто познавање на словенечкиот јазик е фундамент за интеграција во секоја (европска) држава, а уште помалку обврската за добро владеење на словенечкиот јазик да ја претставува како напад врз човековите права!? Напротив, како и во цела ЕУ, и словенечката држава смета дека секој што сака трајно да се насели, да работи и да стане дел од словенечкото општество мора да вложи напор да го научи службениот јазик. И во стариот, а и во новите измени на горенаведениот закон, што е само повод за текстот што следува, јазикот и писмото се ставени како основни, есенцијални елементи за да можат граѓаните функционално и успешно да се интегрираат во системот.
Во врска со ова, извршниот директор на Словенечката филантропија, Франци Златар, многу јасно ја формулира суштината: „Ако сакаме да имаме луѓе однадвор (имигранти) што се добро интегрирани, тие мора да го знаат јазикот!“ Тоа не е национализам. Тоа е функционална држава.
Според нашите соговорници од Словенија, кои нѐ информираа за новите измени што ги предлага Министерство за внатрешни работи во врска со Законот за странци, „луѓето што сакаат да живеат и работат во Словенија мора да го знаат словенечкиот јазик“, затоа што „непознавањето на јазикот ќе им го отежни интегрирањето во системот“. Според соговорниците, „на Словенија секако ѝ е потребен инпут на човечки ресурси, но ѝ се потребни такви што имаат знаење и кои извонредно го владеат словенечкиот јазик“!
– Во Европа веќе одамна постои правило. Правата и интеграцијата се две страни на истата монета. Државата гарантира права, граѓанинот ги почитува законите. Меѓу тие обврски, една од најважните е познавањето на службениот јазик, бидејќи токму преку него функционираат институциите, судовите, администрацијата, образованието и јавниот живот. Без тоа нема вистинска интеграција. Има само создавање паралелни општества, а тоа води кон распад на системот – велат нашите соговорници.
Македонија одамна има сличен проблем, и тоа не само со странците туку и со своите државјани?!
Словенечкиот пример неизбежно ја отвора и македонската дилема. Македонија не е држава што нема јасни уставни правила. Напротив. Во членот 7 од Уставот недвосмислено се наведува дека на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик со неговото кирилско писмо, а со непознавање, невладеење и избегнување употреба на македонскиот јазик и кирилското писмо, флагрантно се крши Уставот, без разлика што тој предвидува, на одредени нивоа, и друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните.
– Тоа не е политичка желба. Тоа е највисоката правна норма во државата. Оттука, прашањето не е дали некој сака или не сака да го користи македонскиот јазик. Прашањето е дали Уставот ќе важи еднакво за сите – велат нашите соговорници, професори по Уставно право.
Легализмот не смее да биде селективен
– Во демократска држава законите не важат според етничката припадност. Не постои „македонски“ и „албански“ устав. Не постојат различни правила за различни политички елити. Постои само еден уставен поредок! Токму затоа, секогаш кога носители на јавни функции во службена комуникација или во ситуации во кои Уставот и законите бараат употреба на службениот македонски јазик не постапуваат во согласност со тие правила, тоа е легитимно прашање за ваша медиумска критика, која понекогаш сепак е побрза и од институционалната реакција за барање одговорност. Секако, вашата медиумска критика треба да биде објективна и насочена кон почитувањето на правниот поредок, а не кон етничката припадност на поединецот, кој ги прекршил Уставот и законите. Да се разбереме, правната држава почнува токму со доследна примена на правилата, вклучувајќи ги и носителите на највисоките функции, без исклучоци. Без селективност. А ние имавме толку многу исклучоци во албанскиот коалициски партнер во претходната власт, што албанскиот јазик се претвори во службена комуникација во надворешните работи на државава, без никаква институционална реакција. А тоа поведение, за жал, потоа премина во востановена практика – потсетуваат нашите соговорници, универзитетски професори, упатувајќи им критика дури и за медиумите, кои, како што велат, се „очите и ушите “ на јавноста.
Политичките пораки имаат тежина
Натаму, со години се забележува дека некои од албанските политички лидери речиси никогаш не го користат македонскиот јазик во својата јавна комуникација, дури и кога настапуваат во институции на државата или во комуникација што има повисок дипломатски или државен карактер. Нашите соговорници ни потврдуваат дека перманентно преку медиумите регистрираат игнорирање на употребата на македонскиот јазик и кај највисоките партиски лидери во албанскиот кампус. Правна норма е министрите-Албанци секаде каде што во светот ја претставуваат државата да го користат исклучиво државниот службен јазик, а тоа е македонскиот. Но оваа норма се кршела многупати, а албанскиот јазик, како што истакнуваат нашите брифери, се протнала на диво преку уставните норми и во дипломатијата. Тоа придонело дипломати од светот да реагираат, затоа што за нив тоа било мошне збунувачки. Таа неуставна пракса, која и денес се применува (!?), наметна сите официјални државни документи да одат на паралелни јазици – лево на македонски, а десно на албански јазик, понекогаш и обратно.
– Тоа е факт. Таквата практика испраќа силна политичка порака, не баш поволна за државата. Не затоа што употребата на албанскиот јазик е спорна – таа е уставно и законски регулирана. Туку затоа што еден функционер претставува општество, широко општествено мислење, јавен став, а не само сопствена етничка заедница. Секоја демократска држава очекува нејзините функционери да демонстрираат почитување кон институциите што ги претставуваат. Тоа е прашање на институционална култура. Не на етнички идентитет – велат нашите соговорници универзитетски професори.
Паралелните, сегментирани општества не создаваат доверба
Консултираната универзитетска професорка по комуникологија вели дека Македонија со години живее со сè поизразена тенденција во албанскиот кампус за – сегментација.
– Грешка е што одиме во посебни училишта, што имаме посебни медиуми, посебни културни организации, посебни стопански здруженија, посебни спортски клубови, посебни јавни простори и над сѐ имаме политички партии со национален (етнички) предзнак!? Тоа води кон сегментација, сепарирање и гетоизација. Колку повеќе се намалува секојдневната комуникација меѓу граѓаните толку повеќе растат недовербата, предрасудите и политичките манипулации. Државата не може да биде силна ако нејзините граѓани живеат едни покрај други, а не едни со други – вели професорката по комуникологија.
Интеграцијата не е асимилација
Професорката по комуникологија во текот на нашиот брифинг имаше еден многу интересен став во врска со јазикот и отворените комуникациски канали помеѓу граѓаните што припаѓаат на различни етнички заедници во Македонија, како мултиетничко општество.
– Во македонската јавност честопати намерно се мешаат два различни поима. Едно е интеграција, друго е асимилација. Тоа не е исто. Интеграцијата значи почитување на Уставот, законите и институциите. Асимилацијата значи губење на сопствениот идентитет. Ниту една демократска држава, вклучувајќи ја и нашата држава, не бара асимилација. Но секоја демократска држава бара почитување на својот уставен поредок. Токму затоа никој во Словенија не смета дека познавањето и владеењето на словенечкиот јазик претставува напад врз нивниот различен, несловенечки идентитет. Истото тоа важи и за Германија, Франција, Австрија, Италија или Хрватска – образложува нашата соговорничка.
Таа додава дека Македонија нема причина да биде исклучок.
– Ако една Словенија, членка на Европската Унија и една од најуспешните постјугословенски држави, отворено кажува дека јазикот е предуслов за интеграција, тогаш Македонија нема никаква причина да се плаши од истата дебата. Напротив. Таа треба конечно да ја отвори. Но без навреди, без етнички стереотипи и без двојни критериуми – вели соговорничката. П.Р.; Х.И.
Државата почнува таму каде што започнува Уставот
– Македонија ќе биде стабилна само ако сите нејзини граѓани – без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или припадници на која било друга заедница – еднакво ги почитуваат Уставот и законите. Легализмот нема националност. Уставот нема етничка припадност. Правната држава не познава привилегирани. Во тоа е и најголемата лекција што Македонија може да ја научи од Словенија. Не дека треба да ги ограничува правата, туку дека интеграцијата започнува таму каде што сите прифаќаат дека постои заеднички уставен поредок, заеднички институции и ЗАЕДНИЧКИ СЛУЖБЕН ЈАЗИК за целата територија на Македонија, преку кој сите тие се ставаат во функција. Без тоа нема функционална демократија и нема функционална држава – тврди еден од професорите по Уставно право, кој вели дека неговиот исказ е чист легализам и далеку од политички калкулации или политикантство. П.Р.
































