Фото: „Нова Македонија“

Најава за започнување на изградбата на источниот крак од железничкиот коридор 8

  • Македонија веќе предолго го чека својот источен железнички коридор 8. Повеќе генерации слушаа дека проектот „наскоро ќе започне“, но реалноста постојано ги демантираше тие очекувања. Денешните околности, со обезбедено меѓународно финансирање, договорена прекугранична соработка и јасна временска рамка, создаваат поинаква слика од онаа на која јавноста беше навикната. Сепак, конечната оценка нема да ја дадат политичките изјави туку реализацијата на најавените активности на терен, како и глетката на динамични започнати градежни работи и километрите новоизградена железница

Постојат проекти што стануваат мерка за политичката зрелост на една влада и држава, за способноста да се реализираат сопствените стратешки цели и да се претворат очекувањата на граѓаните (и нечии долгогодишни ветувања) во конкретни резултати.
Железничкиот коридор 8 без дилема е еден од тие проекти. За потсетување, повеќе од триесет години неговата изградба беше дел од владините програми, изборните кампањи и меѓудржавните разговори, но остануваше недовршен, со многу застои, промени на концепти, финансиски неизвесности и политички несогласувања. Деновиве, за првпат по долго време, Владата потврди дека проектот има затворена финансиска конструкција, договорена прекугранична координација и јасен рок за почеток на изградбата во текот на 2026 година. Доколку овие најави се реализираат, Македонија би можела да отвори едно од најзначајните инфраструктурни, а можеби и политички поглавја од својата современа историја.

Од „пруга до половина тунел“ до заеднички европски проект

Еден од најголемите проблеми што со години го следеа источниот дел на коридорот 8 беше недостигот од синхронизација меѓу Македонија и Бугарија на повеќе полиња и нивоа. Македонија инвестираше во изградба на делници, додека од другата страна немаше доволно јасна динамика за продолжување на трасата. Во јавноста често се поставуваше прашањето дали државата гради железница што ќе завршува пред самиот тунел, без реална можност за железничко поврзување.
Токму затоа, најзначајната порака што сега ја испраќа Владата е дека постои договор за изградба на прекуграничниот тунел, како и заемни обврски за модернизација на железничката инфраструктура. Со тоа, проектот конечно добива целина, а не само поединечни градежни сегменти.

Финансиската конструкција – најголема гаранција

Во минатото речиси секоја влада го најавуваше коридорот 8 како приоритет, но најчесто недостигаа многу елементи: од политичка волја, преку „шарени лаги“, до обезбедено финансирање. Сега ситуацијата изгледа поинаку. Според достапните информации, прекуграничниот тунел треба целосно да биде финансиран преку грант од Европската комисија (ЕК), додека третата делница ќе биде поддржана од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Инвестициската рамка за Западен Балкан, со грант од 169 милиони евра.
Ова е можеби аргументот со најголема специфична тежина, дека проектот влегува во понапредна фаза. Кога зад една инфраструктурна инвестиција стојат најголемите европски финансиски институции, ризикот од нови долгорочни застои значително се намалува.

Три децении административни и политички препреки

Историјата на коридорот 8 е исполнета со проблеми. Се менуваа влади, министри, приоритети и проектни решенија. Некои од трасите беа редизајнирани, тендери се повторуваа, а некои од процедурите траеја со години.
Покрај административните предизвици, проектот беше оптоварен и со политичките односи меѓу Скопје и Софија. Во одредени периоди токму тие односи претставуваа сериозна пречка за забрзување на реализацијата.
Дополнително, глобалната економска криза, растот на цените на градежните материјали и пандемијата влијаеја врз вредноста на инфраструктурните инвестиции, што бараше ревидирање на финансиските пресметки.
Сето тоа придонесе проектот да стане симбол на недовршени државни инвестиции.

Коридор што ја менува економската карта, велат американски аналитичари

Коридорот 8 никогаш не бил само железничка линија. Неговото значење лежи во поврзувањето на Јадранско со Црно Море, преку Албанија, Македонија и Бугарија, со што се создава една од најважните источно-западни транспортни оски во Европа.
– За Македонија тоа значи подобар транспорт на стоки, побрз извоз, намалени логистички трошоци и поголема конкурентност на домашната економија. Во исто време, изградбата носи значителен ангажман за домашната градежна индустрија, инженерските компании, транспортниот сектор и голем број локални фирми што ќе бидат вклучени како подизведувачи. Ефектите не се ограничуваат само на железницата – тие се чувствуваат и во индустријата, трговијата, туризмот и регионалниот развој, а секако и на поврзувањето запад-исток, внатре во рамките на една евроатлантска, западна сфера на интерес, каде што за Македонија се смета дека е интегрален дел – вели нашиот брифер, аналитичар и истражувач од САД.
Тој исто така обрнува посебно внимание на динамиката на реализација на т.н. западен крак од коридорот 8, за кој исто така треба брзо решение, во интерес на Македонија.
Имено, додека источниот дел добива конкретна динамика, западниот крак од коридорот 8 останува посложено прашање. делницата Гостивар–Кичево– Струга–граница со Албанија ќе треба да се реализира во согласност со препораките на УНЕСКО, поради заштита на природното и културното наследство во Охридскиот Регион.
Тоа значи дека проектот ќе бара дополнителни анализи, усогласувања и внимателно планирање за да се постигне рамнотежа меѓу развојот и заштитата на животната средина.

Следниот тест – тендер

Најавата дека тендерската постапка за третата секција треба да заврши до крајот на годината претставува следниот клучен чекор. Во минатото токму тендерските процедури беа една од најчестите причини за пролонгирање на големите инфраструктурни инвестиции. Жалби, повторени постапки и административни процедури често го одложуваа почетокот на градежните активности. Затоа, успешното завршување на оваа фаза ќе биде најсилниот показател дека проектот навистина преминува од политички најави кон практична реализација.

Време е коридорот 8 да престане да биде приказна за иднината

Македонија веќе предолго го чека својот источен железнички коридор 8. Повеќе генерации слушаа дека проектот „наскоро ќе започне“, но реалноста постојано ги демантираше тие очекувања. Денешните околности, со обезбедено меѓународно финансирање, договорена прекугранична соработка и јасна временска рамка, создаваат поинаква слика од онаа на која јавноста беше навикната. Сепак, конечната оценка нема да ја дадат политичките изјави, туку реализацијата на најавените активности на терен, како и глетката на динамични започнати градежни работи и километрите новоизградена железница.
– Доколку најавениот почеток на изградбата навистина се случи во текот на 2026 година, тогаш коридорот 8 конечно ќе престане да биде симбол на пропуштени можности и ќе стане пример дека и најдолгите инфраструктурни проекти можат да добијат свој успешен епилог. Тоа би било значајна победа не само за транспортниот сектор туку и за македонската економија, регионалната поврзаност и европскиот, а се разбира и НАТО-рејтингот на државата – ни истакна нашиот брифер, аналитичар од Вашингтон. Е.Р.