ТРАМП И ЧУДНАТА „ПРИВАТИЗАЦИЈА“ НА ГЕОПОЛИТИКАТА
- Ако државната моќ станува средство за управување со пазарите, а не со меѓународниот поредок, тогаш ние сме сведоци на еден нов економски модел на владеење лансиран од суперсилата – САД
Додека Европа, Москва, Пекинг и Блискиот Исток внимателно и претпазливо ја чекаат секоја следна изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, се создава впечаток дека најголемиот дел од светската политичка елита сè уште се обидува да ја толкува неговата логика со алатките на класичната дипломатија. Но можеби токму тука лежи најголемата заблуда. Зошто?
Трамп не размислува како политичар
Претседателот на САД размислува како човек што со децении живеел во светот на големиот бизнис, на преговорите, на ризикот, ликвидноста, вредноста на капиталот и психологијата на пазарот… Она што дипломатите го нарекуваат криза, бизнисмените често го нарекуваат можност.
Затоа не е исклучено неговата најсилна политичка алатка да не биде одлуката, туку – неодлучноста. Не – конечниот договор, туку – продолжената неизвесност.
„Контролирана нестабилност“ како стратегија
Во геополитиката постои стара претпоставка дека секоја голема сила тежнее кон стабилност бидејќи стабилноста носи предвидливост. Но што ако денес најисплатлива станува токму т.н. контролираната нестабилност?
Во свет каде што една изјава од Белата куќа може за неколку часа да ги закочи или да ги придвижи светските берзи, цената на нафтата, гасот, доларот, златото или акциите на воената индустрија, секоја дипломатска порака станува економски инструмент. Тогаш конфликтите не се само воени или политички прашања. Тие стануваат дел од механизмот што управува со глобалниот капитал.
Колку подолго трае неизвесноста, толку подолго трае просторот за економски добивки.
Америка како најголем инвестициски фонд
Во текот на 20 век, САД ја градеа својата глобална улога врз идејата дека се „чувар на меѓународниот поредок“. Во 21 век се отвора можност за сосема поинаква интерпретација.
Американската држава повеќе не би била само гарант на правилата туку најмоќен инструмент за „создавање економски услови што произведуваат профит“!
Во таква поставеност, санкциите, царините, воените распоредувања, дипломатските притисоци и мировните иницијативи не се само надворешнополитички механизми. Тие стануваат финансиски сигнали што ги обликуваат глобалните пазари.
Политиката почнува да функционира како продолжение на корпоративниот менаџмент.
Од неолиберализам, преку традиционализам до корпоративна геополитика?!
Иронијата е што Трамп беше претставуван како човек што ќе ја разгради неолибералната глобалистичка архитектура. Многумина очекуваа враќање на суверенизмот, традиционалните вредности и ограничување на моќта на глобалните елити.
Но можно е процесот да тргне во поинаква насока. Неолиберализмот никогаш не бил само идеологија на либералните вредности. Во својата суштина тој е идеологија на приматот на капиталот.
Доколку капиталот сега директно ја користи државната моќ како свое продолжение, тогаш не гледаме крај на неолиберализмот, туку негова нова, многу поагресивна форма.
Глобализмот повеќе не мора да биде управуван од меѓународни институции.
Доволно е да биде управуван од една држава што располага со најголемата финансиска, воена и дипломатска сила во светот.
Приватизација на политиката
Најопасната последица од ваквиот модел е бришењето на границата меѓу јавниот интерес и приватниот профит. Кога државниот апарат – дипломатијата, безбедносните служби, трговската политика, па дури и воената моќ – почнува да се доживува како средство за создавање економска предност, тогаш државата постепено престанува да биде институција што управува со општото добро.
Таа станува корпоративен инструмент. Не приватизација на јавните претпријатија. Туку приватизација на самата политика.
Светот без арбитер
Последиците не се ограничени само на Америка. Кога најсилната сила во светот повеќе не се претставува како чувар на правилата, туку како најголем играч на пазарот, тогаш исчезнува и последниот арбитер на меѓународниот систем.
Меѓународното право станува релативна категорија, а сојузништвата стануваат привремени договори. Мирот престанува да биде вредност сама по себе и станува само една од опциите – доколку во тој момент е економски поисплатлива од конфликтот.
Новата империја
Историјата покажува дека секоја империја создавала свој модел на доминација. Се разбира, со „аргументите“ на бруталната сила, како Британија, Франција итн. Американската моќ, пак, долго време се темелеше врз институциите, американската демократија и врз либералниот поредок.
Но ако денес сведочиме на трансформација во која државната моќ станува средство за управување со капиталот, тогаш пред нас не е само промена на американската политика.
Пред нас е нов модел на глобално владеење. Модел во кој неизвесноста не е несакан ефект. Таа станува ресурс. Конфликтот не е секогаш пораз. Тој станува инвестиција. А државата повеќе не е политички субјект што ги штити граѓаните, туку најмоќната корпорација на светот. И ако оваа логика навистина стане доминантна, тогаш најголемата промена на 21 век нема да биде подемот на Кина, ниту падот на западната хегемонија. Според она како што се движат и препознаваат работите, најголемата промена ќе биде претворањето на геополитиката во најголемиот светски бизнис.
Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
































