Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уставниот суд на денешната седница укина дел од одредба од Законот за социјалната заштита со која како услов за остварување на право се предвидуваше лицето да биде невработено, да не користи пензија и да има навршено 60 години за жена, односно 62 години за маж, пренесе МИА.

На 24. седница, Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 34-в став 9 од Законот за бесплатна правна помош, по иницијатива на Оливер Давидовски. Поведена е и постапка за оценување на уставноста и законитоста на повеќе акти на Агенцијата за супервизија на осигурување поврзани со вршењето осигурително-брокерски работи.

Од друга страна, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 157 став 8 од Кривичниот законик, ниту на член 461 ставови 2, 3 и 4 од Законот за парничната постапка.

Поради недобиено мнозинство, Уставниот суд не донесе одлука по предлогот за поведување постапка за оценување на уставноста на одредени делови од член 36 од Законот за заштита на децата. Истовремено, Судот ја отфрли иницијативата за член 38 став 3 од истиот закон.

На седницата биле отфрлени и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за педагошка евиденција и документација во средните училишта.