Фото: „Нова Македонија“

Дваесет и пет години од масакрот кај Карпалак

Денеска (8 август) се навршуваат 25 години од масакрот кај Карпалак, во кој животот го загубија десет прилепски бранители од резервниот состав на АРМ, од касарната „Мирче Ацев“. Тие беа убиени во заседа во раните утрински часови, кога згаснаа животите на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, кои заминаа да го бранат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија во тогашната воена криза. Овој ден, многу болен, е врежан во поновата историја на Прилеп, како и на Македонија.
Токму затоа уште од 7 август попладнето започнуваат активностите за одбележување на немилиот настан. Најпрво чествувањата започнуваат во кругот на касарната „Мирче Ацев“, за потоа да продолжат на спомен-обележјето кај манастирот „Лениште“. На денот на погибијата ќе се полагаат цвеќиња на месноста Карпалак и на спомен-обележјето во центарот на Прилеп.

Болни сеќавања за 8 август 2001 година

И по 25 години остануваат прашањата зошто се случи трагедијата, зошто загинаа млади што ја сакаа Македонија и заминаа да ја бранат, не знаејќи од кого и зошто беа нападнати. И ден-денес преживеаните од Карпалак велат дека треба да се отворат архивите, да се открие вистината, затоа што биле предадени.
„Заседа беше… добро планирана од мрачни сили што и ден-денес, за жал, ги имаме во Македонија“, велат од Здружението „Карпалак“.
– Деновите пред и по Карпалак секоја година личат еден на друг. Надоаѓаат сеќавањата, немилите сцени што не се забораваат. Секое утро на 8 август се будам со болка во срцето, ми запира здивот. Годините минаа ама сеќавањата останаа… Господ сакал да останам жив. Не знам што да кажам, не можам да зборувам. Тешко ми е, ама научив да живеам, да се справувам со сé, сите овие години – вели еден од преживеаните.
Негов соборец објаснува дека дента на 8 август 2001 година се било како и претходните денови.
– Беше жежок ден, уште од изгрејсонце. Низ Прилеп поминавме рано наутро, продолживме кон Тетово. Сѐ беше во ред до излезот на Скопје, каде што ни се приклучи последното возило од конвојот упатен кон Тетово. Бев во едниот автобус. Само што влеговме во месноста Карпалак беше погоден хермелинот. Една зоља падна зад нашиот автобус. Ми се чинеше дека сѐ експлодира во неколку секунди. Бевме преплашени. Шоферот на автобусот ја забрза брзината, застана по некое време. Бевме во паника, испикани сите во средината на автобусот – раскажува нашиот соговорник.
Сеќавајќи се за тој ден, трет негов соборец истакнува дека бил „мачен и тежок за нив“.
– Беше класична заседа, загубивме десет животи за ништо. Најмногу боли дека како држава не извлековме поука од масакрот, дека и денес имаме примери на предавство – посочува третиот наш соговорник.
Загубата на човечките животи беше болна за нивните семејства. Тогаш во првите години зборуваа, си ги отвораа срцата, а денес по 25 години велат дека нема што да кажат и дека и денес не добиле одговори зошто нивните најблиски загинале.
А тој 8 август 2001 година, среда, се сеќавам беше врел жежок ден. Низ градот се пренесе веста дека конвојот е нападнат кај Карпалак, дека има загинати, повредени… Минуваа минутите, часовите. Тишина. Никој, ни ние известувачите не знаевме кои се загинатите. Молк од сите страни. Чаршијата не отвори. Прилеп крвавеше, крвавеа срцата на сите граѓани. Потоа, во знак на револт, дојдоа немирите. Гореше градот… Страшно беше… Тешко за известување, ама моравме да се соземеме сите да информираме, иако сите чувствувавме празнина. За 10 август беа закажани погребите во градот и во населените места. Се извршија со сите почести, а срцето грутка. Прилеп чекореше во болка. Прилеп простумеше. Предизвикот беше голем да известуваш, а имаш растреперено срце. И денес не можам да ги опишам тие моменти….

Почит и памјат за загинатите

Прилеп, во новата историја, вброи уште десет херои, за кои сеќавањата траат и ќе траат. Низ годините беше поставено спомен-обележје во касарната „Мирче Ацев“, дело на скулпторот Богдан Грабулоски-Бонач, беше уредена спомен-соба, а на десетгодишнината од масакрот беше поставен достоен споменик во центарот на градот, каде што и на овој 8 август ќе бидат положени цвеќиња во знак на почит за загинатите, со потсетување никогаш повторно да не се случат немили настани, а споменот за загинатите да остане вечен.

Каролина Мицевска