- Мигрантската криза, енергетската криза, инфлацијата, слабеењето на индустриската база, безбедносните предизвици и европроширувањето – речиси во секое од овие прашања Унијата реагира доцна, непринципиелно, неединствено и без долгорочна стратегија
Европската Унија денес сè помалку личи на заедницата што нејзините основачи ја замислуваа како простор на мир, економски напредок, еднаквост и почитување на правото. Наместо континент што ќе ги надминува поделбите, Европа сè почесто изгледа како политички проект во кој интересите на бриселските либерални елити имаат предност пред интересите на европските народи.
Речиси секоја голема криза во последната деценија покажа дека Европската комисија повеќе умее да произведува декларации отколку решенија. Мигрантската криза, енергетската криза, инфлацијата, слабеењето на индустриската база, безбедносните предизвици и проширувањето – речиси во секое од овие прашања Унијата реагира доцна, неединствено и без долгорочна стратегија.
Наместо заедништво, Европа сè повеќе се милитаризира. Наместо економски раст и индустриска експанзија, се соочува со затворање производствени капацитети, преселување инвестиции и сè послаба конкурентност во однос на САД и Кина. Наместо енергетска стабилност, европските политики создадоа поголема зависност од поскапи извори на енергија, што директно ја зголеми цената на производството и го намали животниот стандард на милиони граѓани.
Во исто време, додека европските институции зборуваат за владеење на правото и еднакви правила за сите, процесот на проширување сè почесто остава впечаток дека е предмет на политички калкулации, а не на јасни и еднакво применети критериуми. Наместо предвидлив процес заснован врз исполнување на европските стандарди, земјите кандидати често се соочуваат со нови политички условувања, што ја поткопува довербата во кредибилноста на европската интеграција. Во македонскиот случај, дел од јавноста и правната фела сметаат дека одредени барања отвораат сериозни дилеми во однос на нивната усогласеност со основните принципи на меѓународното право и еднаквоста на државите.
Истовремено, мигрантската политика останува можеби најочигледниот пример за институционален неуспех. Наместо заедничка европска политика, секоја нова криза завршува со повторно воведување национални гранични контроли, меѓусебни обвинувања и еднострани потези. Така се разнишува токму еден од најголемите симболи на европската интеграција – Шенген.
Сето тоа создава впечаток дека Унијата постепено се оддалечува од своите темелни принципи. Европа беше изградена врз идејата за економска соработка, почитување на националните особености, владеење на правото и еднаквост меѓу државите. Денес, сè почесто доминира впечатокот дека политичката идеологија има предност пред прагматизмот, а бирократската логика пред демократската одговорност.
Токму затоа расте незадоволството кај европските граѓани и јакнат политичките сили што бараат темелно преиспитување на сегашниот правец на Унијата. Не затоа што се против европската идеја, туку затоа што сметаат дека европската идеја е заробена од тесен политички круг што сè потешко ги препознава реалните проблеми на европските општества.
Европската Унија нема потреба од повеќе бирократија, повеќе идеолошки поделби или од повеќе политички условувања. Потребно ѝ е враќање кон сопствените темели – економска сила, правна сигурност, почитување на договорите, еднакви правила за сите и Европа што повторно ќе биде заедница на суверени држави што соработуваат, а не простор во кој политичката доверба постојано еродира.
Во спротивно, најголемата опасност за Европската Унија нема да дојде однадвор. Таа ќе дојде однатре – од постепеното губење на довербата дека европскиот проект им служи на своите граѓани, а не на сопствените политички елити.































