Министерството за внатрешни работи соопшти дека безбедносните камери од системот „Безбеден град“ официјално се ставени во функција на дел од територијата на општина Дебрца, по успешно завршените технички тестирања, пренесе МИА.
Станува збор за камерите поставени на автопатската делница меѓу селата Горенци и Требеништа, кои ќе овозможат постојан сообраќаен надзор и поефикасна контрола на прекршоците.
Од МВР најавуваат дека во наредниот период системот ќе започне со работа и во Охрид и околниот регион, каде што камерите се веќе инсталирани, а во тек е нивната финална техничка проверка.
Според Министерството, системот „Безбеден град“ ќе придонесе за подобра сообраќајна дисциплина, поефикасно откривање на прекршоците, континуирана контрола на сообраќајот и поголема безбедност на патиштата. Се очекува неговата примена да влијае и на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Од МВР апелираат до сите возачи да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да придонесат за побезбедни патишта.
































