ШАХ – ФИДЕ
Женева ќе биде домаќин на мечот за светски првак
Мечот за светски првак годинава помеѓу актуелниот светски шампион, Индиецот Домараџу Гукеш, и предизвикувачот, Узбекистанецот Јавокир Синдаров, ќе се одржи во Женева (Швајцарија), од 25 ноември до 15 декември, објави Светската шаховска федерација (ФИДЕ). И Гукеш и Синдаров ќе имаат 20 години кога ќе почне натпреварот, што го прави натпревар со најмлади шахисти во трка за титулата светски првак во историјата. Мечот за светски првак е врвот на циклусот за планетарен шампион. Како актуелен шампион, Гукеш ќе ја брани круната што ја освои во Сингапур во декември 2024 година, кога стана 18. светски шампион и најмладиот што некогаш ја освоил титулата. Синдаров, пак, ја избори оваа можност со освојувањето на Турнирот на кандидатите годинава во Кипар. Мечот за светски првак ќе се состои од 14 класични партии. Првиот играч што ќе освои 7,5 поени ќе ја освои титулата. Ако резултатот е нерешен по сите 14 партии, светскиот шампион ќе се одлучи преку тајбрејк. Г.И.
ТЕНИС
Вимблдон по двете недели без дожд оствари рекордна посетеност
Вимблдон достигна рекордно висока посетеност од 550.151 гледач во текот на двете недели од тенискиот гранслем-турнир, што е малку повеќе во однос на минатата година, соопшти клубот „Ол Ингланд“, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Посетеноста на 139. издание на тенискиот гранслем-турнир што се игра на трева беше потпомогната од првото првенство без дожд од 2019 година, пишува АП. Вкупната посетеност беше за 1.381 гледач повеќе отколку турнирот во 2025 година. Вимблдон уште заостанува според вкупната посетеност во споредба со другите три тениски гранслем-турнири, откако Австралија опен годинава привлече повеќе од 1,1 милион гледачи, ланскиот САД опен имаше повеќе од 900.000, а Ролан Гарос годинава го проследија 589.500 гледачи, пишува АП. Преостанатите три гранслем-турнири се играат во текот на 15 дена, а Вимблдон трае 14 дена. Н.М.

КОШАРКА
Јуниорките се подготвени за ЕП во Романија
Женската репрезентација на Македонија за кошаркарки до 18 години од денеска ќе учествува на Европското првенство (ЕП), дивизијата Б, во романскиот град Тулчеа, во конкуренција на 20 селекции. Македонките во групата Д ќе играат со селекциите на Данска, Грција, Велика Британија и на Словачка. Трите најдобропласирани од четирите групи ќе обезбедат место во дивизијата А. Првиот предизвик за избраничките на селекторот Виктор Петровски ќе биде дуелот со Данска (денеска, 17.30 ч.), утре (20 ч.) е мечот со Грција, еден ден подоцна (20 ч.) со Велика Британија, а два дена подоцна со Словачка (15 ч.). Во групата А се Исланд, Португалија, Азербејџан, Романија и Холандија, во групата Б ќе играат Бугарија, Израел, Норвешка, Украина и Швајцарија, а во групата Ц се Луксембург, Литванија, Естонија, Австрија и Ирска. Боите на Македонија на ЕП 2026 дивизија Б ќе ги бранат Глорија Груевска, Ива Колева, Ангелина Ангеловска, Дарија Панкова, Јана Пислевска, Нина Карајанова, Лилјана Ѓорѓиева, Теа Трајковска, Сиандра Зиба, Вања Милосављевиќ, Теодора Мариновска, Душица Мицева. Г.И.
ФУДБАЛ
Возиња се обидува да го задржи името на дресот за новата клупска кариера
Чилеанскиот клуб Коло-Коло бара дозвола за новото засилување Возиња да го користи својот фудбалски прекар на дресот кога ќе дебитира за клубот, што се очекува во текот на овој месец, и покрај тоа што прописите во Чиле го забрануваат тоа, пишува агенцијата „Ројтерс“. Возиња беше голманска сензација за Зелено`ртските Острови на Светското првенство и по неговите настапи и неговата светска слава на Инстаграм, треба да потпише шестмесечен договор со Коло-Коло. Но правилата на лигата во Чиле не им дозволуваат на играчите да користат прекари на своите дресови. Сепак, претходно имало исклучоци и Коло-Коло се надева дека ќе му дозволат на ветеранот голман, чие вистинско име е Хосимар Хозе Евора Дијас, да го користи прекарот Возиња, како за време на Светското првенство, пишува „Ројтерс“. Н.М.
































