фото: Нова Македонија

ФУДБАЛ – ПО СОСТАНОКОТ ВО УЕФА

  • Кога ВАР беше воведен, неговата „филозофија“ беше „минимално мешање – максимална корист“, со цел да се намали „неправедноста предизвикана од јасни и очигледни грешки или сериозни пропуштени инциденти“ поврзани со голови, пенали, црвени картони и погрешен идентитет, а УЕФА соопшти дека на нејзиниот неодамнешен состанок шефовите на судиите се согласиле дека е потребно враќање кон тие првични цели, пишува „Би-би-си“

Системот видеопомошник-судија (ВАР) треба да се користи само за промена на „очигледно неточни“ одлуки и расчистување на пропуштени инциденти, велат европските судии, пренесе „Би-би-си“. Главните судии од сите 55 европски фудбалски федерации се состанаа неодамна со судиите на Европската фудбалска унија (УЕФА) и претставник од Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) за да разговараат за неодамнешните промени во правилата. Присутните рекоа дека „долгите микроскопски прегледи“ укажуваат дека ВАР го надминал својот оригинален опсег, пишува „Би-би-си“.
Кога ВАР беше додаден во правилата во 2018 година од креаторите на фудбалските правила, ИФАБ, неговата „филозофија“ беше „минимално мешање – максимална корист“, со намера да се намали „неправедноста предизвикана од јасни и очигледни грешки или сериозни пропуштени инциденти“ поврзани со голови, пенали, директни црвени картони и погрешен идентитет, пишува „Би-би-си“. УЕФА соопшти дека на нејзиниот неодамнешен состанок шефовите на судиите се согласиле дека е потребно враќање кон тие првични цели.
– Беше повторено дека, во согласност со протоколот, ВАР мора да интервенира само во ситуации на „јасна и очигледна“ грешка, т.е. кога одлуката на судијата е очигледно неточна или кога судијата пропуштил јасен инцидент. ВАР не е наменет за повторно судење на натпреварот, туку е суштинска поддршка за судиите, кои мора да останат во центарот на сите процеси на донесување одлуки. Долгите микроскопски прегледи често се симптом што открива дека одлуката на теренот не била јасно и очигледно неточна и затоа треба да биде ограничена – пишува во соопштението на УЕФА, пренесе „Би-би-си“.
Исто така, имаше „едногласна поддршка“ за неодамнешните измени на правилата со цел да се намалат непотребните одложувања, вклучувајќи ги и временските ограничувања за изведување гол-аути, аути и за замените, како и новите регулативи околу повредите на теренот и тактичките тајмаути на голманите. Н.М.