Полската полиција пронајде кратер широк околу десет метри и остатоци од неидентификуван објект во поле во округот Билгорај, откако воените радари претходно регистрирале објект што влегол во полскиот воздушен простор за време на масовните руски напади врз Украина.
Според полската армија, неидентификуваниот објект бил забележан како се движи кон запад, но по кратко време исчезнал од радарските системи.
Поради синоќешните руски напади, особено врз Лвов, Полска ги подигна своите борбени авиони за да го заштити воздушниот простор. Во нападите врз Украина, според последните информации, загинале најмалку 13 лица.
Кратерот и остатоците од објектот биле пронајдени на околу два километри од најблиските станбени објекти, а надлежните служби спроведуваат истрага за да утврдат за каков објект станува збор и како завршил на полска територија.
































