Фото: „Нова Македонија“

Недвижностите континуирано поскапуваат

  • Трендот на поскапување на крајот на 2021 година продолжи и низ цела 2022 година, но темпото како да се забрза во текот на 2023-та. Веќе во 2024 година поскапувањата не беа толку изразени, но во текот на минатата година повторно се забрзаа. Сепак, и покрај големиот број нови
    објекти за станување и високите цени на станбениот простор, интересот за купување не стивнува, иако граѓаните негодуваат дека цените се превисоки
  • Економистите истакнуваат дека нашите сограѓани практикуваат да вложуваат во недвижности бидејќи немаат идеи за инвестирање, а становите важат за сигурна инвестиција што не губи од вредноста

Цените на недвижностите во нашата земја продолжуваат да растат, но интересот за купување или поседување сопствен дом не стивнува. Последниве години цените на становите постојано се во нагорна линија, што е особено забележливо во главниот град, а во последно време и во нашиот најголем туристички центар. Податоците на Народната банка покажуваат дека цените на недвижностите во земјава постојано се зголемуваат последниве години.
Бројките говорат дека на квартално ново минатата година становите поскапувале за 20 или за 25 отсто. Имено, во првиот квартал поскапувањето изнесувало 19,5 отсто, по што во вториот квартал достигнало 19,9 проценти, за во третиот да се зголемат цените уште повеќе и поскапувањето да достигне 25,1 отсто, а во четвртиот точно 25 проценти. Од почетокот на годинава, односно во првите три месеци, поскапувањето е 16,7 проценти.

Поскапувањето не запира

Трендот на поскапување на крајот на 2021 година продолжи низ цела 2022 година, но темпото како да се забрза во текот на 2023-та. Веќе во 2024 година поскапувањата не беа толку изразени, но во текот на минатата година повторно се забрза.
Сепак, и покрај големиот број нови објекти за станување и високите цени на станбениот простор, интересот за купување не стивнува, иако граѓаните негодуваат дека цените се превисоки.
Инвестициите во станови одамна станаа примамливи за македонските граѓани, кои преферираат да купуваат станови и за резерви, не секогаш само за живот, туку како инвестиција за следните генерации, што секако исто така создава притисок врз цените.
Доминантно во нашата земја се градат станбени објекти, било да станува збор за згради со станови или, пак, за куќи, кои ги градат најчесто индивидуалци. Што се однесува, пак, до деловните објекти, интересот за изградба на деловни објекти е помал, можни се проекти каде што има станбени и деловни објекти заедно, како што се дел од новите трговски центри, но начелно инвестициите во деловни објекти се послаби.

Цените драстично се разликуваат од Скопје до Штип

Градежните експерти посочуваат дека цените се нереални, но, според нив, врз крајната цена улога имаат повеќе чинители.
– Ако цените беа дефинирани само од трошоците, тогаш ќе беа исти низ цела земја. Цените на становите во Штип, Струмица, Кавадарци, Петровец и во Илинден не достигнуваат, ниту пак надминуваат две илјади евра. Во Скопје цените ги зголемуваат сопствениците на парцелите, кои многу ги зголемија цените, но и фирми што сакаат со една градба да заработат многу. За многу приватници профитот е на прво место и тоа многу влијае врз цените – вели градежниот експерт и член на Здружението за градежништво при Стопанската комора на С. Македонија, Никола Велковски.
Според него, државата може да влијае врз цените на недвижностите ако гради на државно земјиште, за да избегне трошоци, и да ги продава становите со мала маржа, а не на лицитација, каде што цените значително се зголемуваат.
Тој за „Нова Македонија“ објаснува дека во нашата земја од една страна има граѓани што не можат да си дозволат да купат сопствен стан, а од друга страна има граѓани што имаат и по неколку стана и ги зголемуваат цените бидејќи вишокот средства се инвестираат во станови.
Економистите истакнуваат дека нашите сограѓани практикуваат да вложуваат во недвижности бидејќи немаат идеи за инвестирање, а становите важат за сигурна инвестиција што не губи од вредноста. Поради ниските камати на депозитите, многу граѓани, наместо да ги оставаат парите во банки, купуваат станови, кои потоа ги изнајмуваат или ги чуваат за членови од семејството. Според експертите, оние граѓани што немаат доволно за плаќање на становите комбинираат со кредити и сите заедно придонесуваат за раст на цените на недвижностите.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на 2025 година, деловните субјекти завршиле 3.733 стана, додека, пак, индивидуалните сопственици 2.518 стана. Е.Р.


1. квартал 2021 3
2. квартал 2021 4,1
3. квартал 2021 5,7
4. квартал 2021 11,3
1. квартал 2022 12,4
2. квартал 2022 16,5
3. квартал 2022 21,3
4. квартал 2022 20,5
1. квартал 2023 18,9
2. квартал 2023 13
3. квартал 2023 11,1
4. квартал 2023 6,9
1. квартал 2024 4,6
2. квартал 2024 11,5
3. квартал 2024 8
4. квартал 2024 10,6
1. квартал 2025 19,5
2. квартал 2025 19,9
3. квартал 2025 25,1
4. квартал 2025 25
1. квартал 2026 16,7
Извор: НБРСМ