Властите во Словенија прогласија портокалова и црвена фаза на опасност од пожари за крајот на оваа недела, поради екстремно високите температури и зголемениот ризик од избувнување пожари.
Црвена фаза, која означува многу висока опасност од пожари, е прогласена за подрачјата Копер, Сежана, Дивача, Хрпелје-Козина, Комен, Нова Горица, Мирен-Костањевица и Ренче-Вогрско. Во останатиот дел од земјата на сила е портокалова фаза, што укажува на висока опасност.
Поради ризикот, на целата територија на Словенија е забрането палење оган на отворено, фрлање запалени предмети, употреба на уреди што можат да предизвикаат пожар надвор од населените места, како и приредување огномети.
Инспекторатот за заштита од природни и други несреќи, заедно со полицијата, најави засилени контроли додека траат мерките.
Во меѓувреме, Агенцијата за животна средина на Словенија (АРСО) предупреди дека топлотниот бран дополнително ќе се интензивира во наредните денови. За југозападниот дел на земјата е издадено црвено метеоролошко предупредување, каде што температурата ќе достигне до 39 степени Целзиусови, при слаб ветер.
Според прогнозите, денеска максималните температури ќе се движат меѓу 31 и 36 степени, а во следните денови се очекува тие постепено да растат.
Портокалово предупредување за високи температури веќе е на сила во југоисточниот и централниот дел на земјата, а во петок ќе биде проширено на цела Словенија. За сабота и недела, црвена фаза е прогласена за југозападниот дел од државата.
АРСО предупредува дека најголемо топлотно оптоварување се очекува во областа Горишка и долината Випава, каде што Универзалниот термички климатски индекс ќе достигне највисоки вредности. Најтешки услови ќе има во текот на пладневните и попладневните часови.


































