Dron
Фото: ЕПА

Соединетите Американски Држави и Франција ѝ обезбедиле на Украина разузнавачки информации што ѝ овозможиле да ја мапира руската противвоздушна одбрана и да ги идентификува рутите по кои дроновите со долг дострел можат да ги заобиколат системите за одбрана и да стигнат до своите цели, објави британскиот весник „Фајненшел тајмс“, повикувајќи се на украински извори.

Според весникот, американските и француските разузнавачки служби помогнале и во подобрувањето на изборот на целите, овозможувајќи им на украинските тимови за напади со дронови да утврдат кои објекти би имале најголемо стратешко значење.

Поранешниот украински министер за одбрана и директор на Центарот за одбранбени стратегии, Андриј Загородњук, изјави дека стратегијата е значително променета.

 – Целта повеќе не е само да се предизвикаат пожари во рафинериите или да се уништат резервоари за складирање. Намерата е постројките што е можно подолго да останат надвор од функција и секој напад да ја чини Москва што е можно повеќе при нивната обнова – изјави Загородњук.

Тој објасни дека пред секоја мисија, украинските единици за дронови добиваат брифинзи од енергетски инженери и индустриски експерти, кои ги идентификуваат најкритичните компоненти во рафинериите и инфраструктурата, односно деловите чија замена бара најмногу време.

Според Загородњук, со анализа на поврзаноста меѓу рафинериите, трафостаниците и електропреносната мрежа, украинските планери ги лоцираат најранливите точки каде што и релативно мала боева глава може да предизвика значителна штета.

Тој додава дека украинските единици сè почесто повторно ги напаѓаат истите критични објекти пред да завршат поправките, со цел да го продолжат прекинот на нивната работа.