Поранешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи е назначен за специјален пратеник на Владата за Европската Унија со седиште во Брисел, објави тој денеска на својот профил на Фејсбук.
Фетаи соопшти дека Владата на вчерашната седница донела одлука за негово именување на оваа функција. Претходно, ваквата најава ја соопшти и копретседателот на коалицијата Влен, Изет Меџити.
Во објавата, Фетаи им се заблагодари на Владата и на премиерот Христијан Мицкоски за укажаната доверба, оценувајќи дека новата должност претставува голема чест, но и сериозна одговорност.
– По долгата кариера во Брисел и стекнатото искуство во Владата на Република Северна Македонија, ја преземам оваа позиција со целосно убедување дека иднината на земјата е во Европската Унија. Ќе работам на унапредување на процесот на европска интеграција, зајакнување на политичката поддршка во институциите на ЕУ и земјите членки, надминување на политичките и дипломатските предизвици и зајакнување на гласот на Северна Македонија во Брисел и европските престолнини – напиша Фетаи.
Арбен Фетаи поднесе неотповиклива оставка од функцијата вицепремиер за добро владеење на почетокот на јуни годинава, откако претходно извесен период беше отсутен од работа. Тој на функцијата беше предложен како кадар на коалицијата Влен.































