Реализацијата на тековните проекти во енергетскиот сектор, усогласувањето на законската регулатива со европските стандарди и идните инвестиции беа во фокусот на денешната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и вршителката на должност амбасадор на САД во земјава Никол Варнс, пренесе МИА.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) соопштија дека на средбата било истакнато значењето на стратешките енергетски проекти за зајакнување на енергетската независност на државата. Варнс ги поздравила напорите на Министерството во оваа насока, оценувајќи дека тие се важен предуслов за стабилен економски развој и сигурно енергетско снабдување.
Министерката Божиновска информирала за напредокот на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, чија реализација се очекува да заврши во текот на 2027 година. На состанокот било разговарано и за проектот за гасно поврзување со Србија, за кој, според Министерството, активностите се одвиваат со засилена динамика.
Божиновска ги оценила двата проекта како стратешки за државата и регионот, нагласувајќи дека ќе придонесат за поголема енергетска сигурност и диверзификација на снабдувањето со природен гас.
Меѓу темите на разговор било и официјалното приклучување на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор, што е планирано за септември. Станува збор за европска иницијатива насочена кон диверзификација на изворите на природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа.
-Инвестицијата во енергетиката е инвестиција во иднината. Работиме интензивно на реализација на клучните енергетски проекти, но и на исполнување на обврските од Реформската агенда. Со енергетското поврзување со регионот ја зајакнуваме и позицијата на државата, а придобивките ќе бидат директно во интерес на граѓаните и економијата – истакнала Божиновска.
На средбата било потврдено и значењето на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, при што двете страни ја изразиле подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и поддршка на заедничките демократски вредности.































