Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева

Собранието на денешната 97. седница ја избра Мери Дика Георгиевска за нов судија на Уставниот суд. За нејзиниот избор гласаа 64 пратеници, без гласови „против“ и без воздржани.

Пред гласањето, пратеникот Сали Мурати од Европскиот фронт побара точката да биде повлечена од дневниот ред, укажувајќи на, како што рече, административни и хронолошки грешки во доставената биографија на кандидатката.

Мурати посочи дека во документот стои оти Георгиевска дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на 16 септември 1987 година, додека правосудниот испит го положила на 18 февруари 1987 година, што, според него, е невозможно бидејќи испитот не може да се полага пред стекнување диплома.

Тој укажа и на втора недоследност, според која кандидатката започнала да работи како адвокатски приправник во 1985 година, односно пред датумот на дипломирање наведен во биографијата.

И покрај забелешките, Мурати нагласи дека тие не се однесуваат на професионалниот интегритет на кандидатката.

-Лично ја познавам Мери Дика Георгиевска. Таа е истакнат правник со долгогодишно искуство и заслужува уредна и достоинствена постапка. Проблемот е во начинот на кој е подготвен предлогот – рече Мурати.

На забелешките одговори претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој појасни дека станува збор за очигледна техничка грешка што веќе е исправена во Судскиот совет, но од засега непознати причини исправката сè уште не била доставена до Собранието.

По изгласувањето, Мери Дика Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците и официјално ја презеде функцијата судија на Уставниот суд.

Според исправените податоци, Георгиевска дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1985 година, а правосудниот испит го положила во 1987 година. Магистерските студии по правни науки ги завршила на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје во 2014 година.

Професионалната кариера ја започнала како адвокатски приправник и стручен соработник, а потоа работела како адвокат. Од 1996 до 2005 година била судија во Основниот суд Скопје II, по што била избрана за судија во Апелациониот суд Скопје. Во периодот 2012–2018 година била член на Судскиот совет, а во 2023 година е избрана за претседател на Апелациониот суд Скопје.