Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) започнаа превентивна кампања со која апелираат до возачите да не користат мобилен телефон додека управуваат со моторно возило.
Преку силна порака до јавноста, институциите предупредуваат дека и само еден момент невнимание може да има трагични последици.
– Секое патување започнува со една едноставна одлука – да седнеш зад воланот. Мислиме дека сè е под контрола и дека ништо не може да тргне наопаку. Но, понекогаш е доволен само еден момент за да го изгубиш вниманието – се наведува во кампањата.
Од МВР и РСБСП потсетуваат дека при брзина од 80 километри на час, само една секунда невнимание значи повеќе од 20 метри поминати без целосна контрола врз возилото.
– Дали вреди? Држи го погледот на патот. Твојот живот – и животите на другите – зависат од тоа – е пораката упатена до возачите.
Институциите апелираат граѓаните да не користат мобилен телефон за време на возењето, да останат максимално фокусирани на патот и да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.
– Животот е премногу вреден за да го изгубите поради момент на невнимание. Возете внимателно и не користете мобилен телефон. Не заборавајте – секој живот е важен – порачуваат од МВР и РСБСП.






























