Со грант од два милиони евра од Европската Унија, Царинската управа започнува проект за воведување паметни системи на граничните терминали, со цел целосна автоматизација на царинските постапки, побрз проток на стоки и поефикасна борба против корупцијата.
Од Царинската управа информираат дека веќе е потпишан договор со избраниот изведувач за набавка на неопходната опрема, по спроведената постапка за јавна набавка. Имплементацијата на проектот треба да заврши до средината на следната година.
Автоматизацијата ќе овозможи значително намалување на времето на чекање на товарните возила и пониски оперативни трошоци за економските оператори.
Според Царинската управа, постојните рампи и ваги ќе бидат заменети со современи дигитални системи, поддржани со аналитички видео-камери. На тој начин, увозот, извозот и транзитот ќе се евидентираат автоматски, само неколку секунди по влезот на товарното возило на царинскиот терминал.
Новите автоматски ваги и рампи ќе бидат директно поврзани со системите за видеонадзор и автоматско препознавање на регистарски таблички. Во тек е и постапка за набавка на софтвер кој ќе ги интегрира сите системи во единствена платформа, што ќе овозможи поефикасни контроли и побрз проток на легалната трговија во согласност со европските стандарди.
Од Царинската управа посочуваат дека новите технологии ќе го намалат влијанието на човечкиот фактор во царинските постапки, што претставува важен чекор во спречувањето на криминалот и корупцијата, како и во зголемувањето на транспарентноста и ефикасноста на работењето.






























