Фото: Пиксабеј

Телата на пет новороденчиња денеска биле пронајдени во семеен дом во градот Оранж, на југот на Франција, јавуваат француските медиуми.

Според информации од извор близок до истрагата, полициските службеници во куќата откриле останки од бебиња сместени во пластични кеси, кои биле ставени во картонски кутии. Морничавото откритие следувало само еден ден откако жената од семејството родила здраво дете.

Како што објавува „Ле Паризиен“, жената, родена во 1994 година, вчера го родила своето трето живо дете. Според досегашните сознанија, и оваа бременост ја криела од околината.

Нејзиниот сопруг, кој во моментот на породувањето не бил дома, решил да провери неколку кутии во куќата по претходна расправија со сопругата околу нивната содржина. Во една од нив пронашол тело во распаѓање, по што веднаш го однел во болницата каде што била хоспитализирана неговата сопруга.

Медицинскиот персонал веднаш ги известил надлежните органи, а истрагата ја презела криминалистичката полиција од Авињон. При претресот на куќата биле пронајдени уште неколку останки кои, според првичните информации, се идентификувани како фетуси или новороденчиња.

Брачната двојка има уште две деца, на возраст од осум и дванаесет години. Според соседите, семејството не било познато по какви било проблеми или инциденти.

Жената сè уште се наоѓа на болничко лекување и засега не е официјално уапсена. Канцеларијата на државниот обвинител во Карпентрас не соопштила дополнителни информации, а истрагата за случајот е во тек.