Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, денеска извршија увид во реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти во општината, меѓу кои реконструкцијата на Улица 9, изградбата на нов стадион и новата централна кујна во детската градинка „Гоце Делчев“, пренесе МИА.
Градоначалникот Георгиевски информираше дека е во тек целосна реконструкција на една од главните сообраќајници во општината, во должина од 1.200 метри. Покрај изградбата на нов коловоз и пешачки патеки, целосно е обновена и подземната инфраструктура, вклучувајќи ја водоводната мрежа, фекалната канализација, електричната и телекомуникациската инфраструктура. Според него, работите треба да завршат до крајот на летото.
-Направивме увид во целосната реконструкција на Улица 9. Покрај новиот коловоз и пешачките патеки, целосно е заменета и дотраената водоводна мрежа, која повеќе од 20 години беше надвор од функција – изјави Георгиевски.
Тој информираше и за изградбата на нов стадион на местото на постојното игралиште. Минатата година беше поставен терен со вештачка трева според стандардите на ФИФА и УЕФА, а годинава се гради трибина со капацитет од 1.100 гледачи, подтрибински простор, ново осветлување, паркинг и партерно уредување.
Во завршна фаза е и изградбата на мостот на влезот во населбата Јака, заедно со пристапна улица во должина од 300 метри, кој се очекува да биде пуштен во употреба во август. Паралелно се гради и фекална канализација во Миладиновци за повеќе од 1.000 жители, а со средства од владините повици веќе се реализирани улиците 103 и 111 во населбата Јака, како и проектот за фекална канализација во Кадино.
Во рамки на посетата беше претставена и новата централна кујна во детската градинка „Гоце Делчев“, која се простира на 300 квадратни метри и има капацитет за подготовка на 800 оброци дневно.
-Нема повеќе да користиме приватни оператори за достава на храна. Во нашата градинка ќе се подготвуваат топли оброци за сите деца во општината – рече Георгиевски, најавувајќи и проширување на градинката со нови занимални и дополнителни 60 места.
Министерот Ѓоко Велковски истакна дека благодарение на инвестициите во детската заштита, листите на чекање во Илинден практично се елиминирани.
-Листите на чекање се сведени речиси на нула. Доколку има потреба од нови капацитети, ќе продолжиме да инвестираме за да одговориме на потребите на граѓаните – изјави Велковски.
Тој информираше дека во рамки на државниот план во текот на 2026 и 2027 година ќе бидат отворени 37 нови градинки со капацитет за повеќе од 3.800 деца. Од нив, 15 објекти ќе бидат пуштени во употреба до крајот на годинава, со што ќе се обезбедат места за над 1.800 деца.
Велковски додаде дека во изминатите две години во детските градинки се вработени повеќе од 900 воспитувачи и друг стручен кадар, а инвестициите во детската заштита ќе продолжат.
Премиерот Мицкоски нагласи дека Владата преку двата јавни повици реализира повеќе од 1.200 проекти во општините низ државата.
-Очекувам следната година да го заокружиме процесот со проектите од првиот и вториот повик, а потоа да размислуваме и за трет. Добро е што општините веќе подготвуваат нови проекти. Можам само да им честитам на градоначалниците, а особено на градоначалникот на Илинден, кој реализира навистина импресивни проекти – рече Мицкоски.
Тој оцени дека со овие инвестиции се менува сликата за државата.
-Од држава што беше ограбена, понижена и посрамена, стануваме држава што се гради и се развива. Тоа е политиката што Владата ќе продолжи да ја спроведува и во иднина – порача премиерот.


































