-Апсолутно го делиме ставот дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. За жал, бугарската страна тврди дека тие се дел од рамката и дека потпишала таков договор со претходната влада, во кој, според нивните тврдења, биле дадени различни ветувања. Ние, како Влада, сметаме дека протоколите не се и не треба да бидат дел од Преговарачката рамка. Тоа е нашиот став од првиот ден и останува непроменет – изјави Мицкоски.
Тој оцени дека различниот став на бугарската страна е последица на, како што рече, договорите што ги постигнала претходната влада.
-За жал, ставот на другата страна е сосема поинаков, а според нас тоа е резултат на постапките и отстапките направени од претходната влада на СДСМ и ДУИ и тогашниот преговарачки тим – рече премиерот.
Мицкоски потсети и на својата вчерашна изјава во подкаст, во која истакна дека уставни измени во формата во која моментално се бараат нема да има, но дека останува подготвен за разговори со цел да се изнајде одржливо решение.
-Подготвен сум да разговарам со секого и секаде додека не најдеме решение што ќе биде одржливо и ќе нè однесе до крајната цел. Во меѓувреме ќе продолжиме да ја реализираме реформската агенда и да работиме на подобрување на условите за живот на граѓаните – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека во процесот на евроинтеграциите мора да се почитуваат принципите и тие да важат подеднакво за сите.
-Во целиот овој процес работите треба да се гледаат принципиелно. Принципите мора да важат за сите, бидејќи со нив нема играње – порача премиерот.


































