Фото: ЕПА

Во Македонија годинава се регистрирани четири случаи на маларија, три случаи на денга и еден случај на зика, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Тој упати апел до граѓаните кои патуваат во Африка и во регионот на Индискиот Океан да ги следат препораките на Светската здравствена организација за вакцинација и профилакса, пренесе МИА.

Клековски соопшти дека состојбата со вектор-преносливите заболувања била разгледана на седница на Комисијата за заразни болести. Во моментов, како што рече, под засилен надзор се четири заболувања што се пренесуваат преку комарци – маларија, денга, зика и западнонилска треска.

-По две години без регистрирани случаи на маларија, годинава имаме четири, сите поврзани со патувања во Африка и регионот на Индискиот Океан, односно Малдиви и Занзибар. Регистрирани се и три случаи на денга и еден случај на зика, кои исто така се поврзани со патување на Малдиви – изјави Клековски.

Тој предупреди дека зика е особено опасна за бремените жени, денгата може да предизвика хеморагична треска, а потешките форми на маларија можат да бидат и смртоносни.

-Апелирам до сите што патуваат во Африка и во регионот на Индискиот Океан, особено на Занзибар и Малдиви, да ги следат препораките на Светската здравствена организација за вакцинација и профилакса. Во центрите за јавно здравје се достапни сите неопходни препораки. Иако ризикот е мал, важно е граѓаните да преземат мерки на претпазливост – рече министерот.

Тој упати апел и до матичните лекари и инфектолозите задолжително да ги земаат предвид неодамнешните патувања на пациентите во Африка и регионот на Индискиот Океан при поставување на дијагнозата, нагласувајќи дека клучни се навременото препознавање и раната интервенција.

Во однос на западнонилската треска, Клековски потврди дека во земјава се регистрирани осум случаи. Два од нив се евидентирани во јуни и пациентите веќе се пуштени на домашно лекување, додека шест лица во моментов се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.

Еден од случаите е поврзан со патување во Грција, додека останатите, според возраста на пациентите, најверојатно се локално стекнати инфекции. Најголем дел од случаите се регистрирани во Скопско Поле и Велес.

Министерот информираше дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат добил насока да изврши контрола на програмите за дезинсекција во општините. Според досегашните проверки, сите поголеми општини ги реализирале планираните активности, а дополнителна дезинсекција е извршена во радиус од 200 метри околу живеалиштата на седум од заболените. Еден пациент, пак, не дозволил да се спроведе оваа мерка.

Клековски потсети дека од минатата година Институтот за трансфузиона медицина, покрај тестирањето за ХИВ и хепатит, рутински ја проверува и крвта за присуство на вирусот на западнонилската треска во периодот од април до октомври.

-Со ова практично обезбедуваме вирусот да не може да се пренесе преку дарувана крв – истакна министерот.

Тој додаде дека сите четири заболувања ги пренесуваат комарци кои се присутни и во Македонија, поради што препорачува граѓаните да користат средства за заштита, особено при престој во близина на застоени води, бари и мочуришта.

Според Клековски, сите пациенти со западнонилска треска се лица постари од 60 години и имаат придружни хронични заболувања. Тој појасни дека околу 80 проценти од инфекциите поминуваат без симптоми, додека кај потешките случаи може да се јават конфузија, воспаление на мозочните обвивки и енцефалит. Во изминатите 15 години во земјава се регистрирани пет смртни случаи поврзани со ова заболување.