Водата во Гостивар повторно ќе биде безбедна за пиење кога ќе има три последователни негативни резултати од анализите на примероците, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Тој појасни дека според прописите не постои категорија „техничка вода“ и дека тој термин најчесто го користат јавните комунални претпријатија, пренесе МИА.
-Постои класификација на водата од прва до петта категорија. Водата од прва категорија е погодна за лична употреба без третман, додека водата од петта категорија не може да се оспособи за каква било употреба, вклучително и за наводнување во земјоделството. Според експертите за хигиена, вода за употреба е онаа што може да се консумира, односно да се внесе во дигестивниот тракт, вклучително и преку храна, како што е миење салати. Користењето на вода за храна што не се обработува термички претставува ризик. За сите останати намени, водата може да се користи за лична хигиена и други цели – изјави Клековски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за актуелната епидемиолошка состојба.
Тој додаде дека водата во моментов може да се користи за сите потреби освен за пиење, подготовка на храна или миење храна што нема да биде термички обработена.
-Она што вчера беше соопштено од Управувачкиот комитет е дека водата може да се користи за сите други намени, освен за внесување во организмот и за подготовка на храна што не се обработува термички – нагласи Клековски.
Во однос на можноста водата да се користи за наводнување, министерот посочи дека водата од јавниот водовод во принцип не треба да се користи за таа намена.
































