Фото: Принтскрин

Владините мерки за развој и промоција на туризмот даваат резултати, а бројот на странски туристи во земјава е зголемен за 40 проценти во однос на минатата година, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање за текот на туристичката сезона, Мицкоски посочи дека позитивните резултати се евидентирани и во најновото издание на извештајот „Tourism Watch“ на Светска банка, објавен во јуни годинава.

-Владините мерки и иницијативите за привлекување туристи носат резултати. Бележиме значителен раст на бројот на патници кои пристигнуваат на македонските аеродроми. Тоа го потврдува и Светска банка во последниот извештај ‘Tourism Watch’, каде Македонија е рангирана како прва земја во Европа според растот на странските туристички пристигнувања и преноќувања. Растот изнесува 40 проценти во споредба со минатата година – изјави Мицкоски.

Премиерот оцени дека ваквите показатели претставуваат значајно меѓународно признание за туристичкиот сектор и изрази очекување позитивните трендови да се одразат и врз економските резултати на државата.

-Ова е големо признание за нас, особено ако се има предвид дека туризмот има значително учество во бруто домашниот производ. Очекувам овие резултати да бидат видливи и во податоците за БДП во вториот квартал од годинава – истакна Мицкоски.